Во Уметничката галерија во Тетово денеска се одржа првиот од двата настани посветени на академскиот сликар Невзат Бејтули-Кица планирани за оваа недела – промоција на монографија и самостојна изложба на дела во среда 28 декември. На денешната промоција на монографијата се осврнаа директорот на Уметничка галерија Илир Куртиши и писателот Салајдин Салиху.

– Уметничната посветеност на Бејтули-Кица во последните две децении е претставувањето на дуото човекот и коњот. Коњот многупати се користел како мотив во визуелните уметности, каде што симболизирал убавина, моќ, брзина и сензитивност. Во сликите на Кица коњот е претставен како прекрасносуштество, со совршено тело. За разлика од многу други сликари, кои биле опседнати само со сликање на коњот, Кица уметнички го прикажува односот меѓу човекот и коњот. Коњот е помошник на човекот во време на мир и војна, во немирни и мирни времиња. Тоа е корисно и убаво. Преку парот човек и коњ уметнички се изразуваат различни психолошки состојби на човекот. Претставена е човечката големина, неговиот обид за опстанок, мисијата да се донесе правда во светот, порача Салиху во говорот за работата на Невзат Бејтули-Кица.

Директорот Илир Куртиши истакна дека со големо задоволство и чест Уметничката Галерија ги организира настаните посветени на уметникот Кица.

– Уметничка галерија Тетово има голем чест да биде домаќин на нашиот познат сликар со европско и светско реноме. Има отворено лични изложби во странство, во САД, Франција, Италија, Австрија, Босна итн.За неговото уметничко творештво пишувале многу автори. Кица е почестен со многу национални и меѓународни награди, истакна директорот на Галеријата, Илир Куртиши.

Самостојната изложба ќе боде отворена во среда во 19 часот. Невзат Бејтули – Кица е роден во 1962 година во село Ѓурѓевиште Гостиварско. Академијата за ликовни уметности ја завршил во Скопје, во 1993 година, додека постдипломските студии ги довршил во Приштина, под менторство на проф. Реџеп Фери во 2002 година. Откако е основан Тетовскиот Универзитет, таму е ангажиран како професор. На Факултетот за Ликовни Уметности предава Акт, истражување и проучување на човечкото тело во ликовната уметност. Има највисоко академско звање – редовен професор.