Агенцијата за мода, култура и уметност „Метрополис“ – Битола во соработка со НУ Центар за култура, промовира музичка компилација „Битола е градот“.

Станува збор за ЦД со 22 композиции од исто толку различни изведувачи, проект поддржан од Општина Битола и печатница „Графопром“, истакна Илија Талев, креатор и реализатор на проектот.

– „Битола е градот“ е прво и единствено вакво издание од ваков вид во комплетната музичка историја на градот, а се однесува на поп-рок музиката и останати жанрови и под-жанрови. Изборот на композициите е базиран врз основа на четири правила, што самите ги создадовме за да го олесниме самиот избор, а тоа е дека изведувачите мора да егзистираат и творат на територија на град Битола, да имаат издадено албум во форма на носач на звук или во дигитална форма, во периодот од 2001-2022 година со авторска музика, појасни Талев.

Музичката компилација „Битола е градот“ содржи нумери на Кристо Роџевски, „Љубојна“, „Фолтин“, „Пијан Славеј“, „Паркети“, „Pumpers“, „Code 369“, Сашо Поповски, „Sweet Rapscallions“, Димитра, Марија Плава, „Corrosion“, „Three Minutes In The Rain“, „Мазно Ама Не Е“, „Molokai“, „The Government“, „Вел“, „Sound Waves“, „Кактус“, „Lucent“, „Спанк и Музак“, сите од Битола.