Книгата „Книжевен бинокулар“ од Соња Стојменска-Елзесер е добитник на наградата „Димитар Митрев“ за 2022 година. Станува збор за награда што традиционално ја доделува Друштво на писателите на Македонија за книга со критики или есеи.
Есеистичката книга „Книжевен бинокулар“ на Соња Стојменска-Елзесер е дело со книжевни и културолошки есеи кои во фокусот поставуваат актуелни истражувачки прашања од македонската култура. Оваа публикација има структура на мозаик со теми и проблематики кои Стојменска-Елзесер ги истражувала изминативе неколку години, а сите се однесуваат на македонскиот книжевно-културен контекст.
Авторката Стојменска Елзесер на денешната прес-конференција се заблагодари за наградата и рече дека ова е големо признание и за неа и за Институтот за македонска литература.
- Би била неискрена ако речам дека наградите не значат многу. Наградите значат многу во творештвото, на секој кој твори и создава. Оваа награда има особена тежина, затоа што го носи името на бардот на македонската книжевна сцена и затоа што доаѓа од колеги писатели и критичати. За критичарите и есеисти ова мислам дека е најдобарата награда. Посебно ми е драго што мојата книга е забележана од моите колеги и наградена, рече авторката.
Претседателката на жири Комисијата за наградата „Димитар Митрев“, проф. д-р Марина Мијаковска, на денешната прес-конференција посочи дека одлуката е донесена едногласно од страна на Комисијата. Членовите на Комисијата се проф. д-р Лидија Капушевска Дракулевска и Глигор Стојковски.
Таа информираше дека конкурсот траел до 3 јануари, и на истиот пристигнале осум книги од наши еминентни автори.
- „Книжевен бинокулар“ има структура на мозаик со теми и проблематики кои Стојменска Елзесер ги истражувала изминативе неколку години. Сите се однесуваат на македонскиот книжевно-културен контекст. Според Стојменска Елзесер, културата може да ја разбереме единствено во релација контекстуално и компаративно. Затоа, таа се служи со компаративен метод во анализата на делата од македонските автори. „Книжевен бинокулар“ е книга во издание на Институтот за македонска литература објавена во 2022 година. Оваа книга содржи 22 текста, односно есеи, кои што се поделени во два диптиси од вкупно десет поглавја. Секое поглавје е компонирано од два текста што може да се разберат како форма на две оптички стакла од микроскоп или окулар, што понудува различни агли на гледање на левото и десното око, се вели меѓудругото во образложението на жири Комисијата.
„Книжевен бинокулар“ на Соња Стојменска-Елзесер е есеистичко дело во кое компаратистичката промисла на книжевните феномени отвора нови видици и предизвици во македонската книжевна наука. Стилот е јасен и течен, а теориските импликации и цитатноста на делата со кои се служи авторката, воопшто не го отежнуваат читањето на есеите.
Претседателот на ДПМ Христо Петрески на прес-конференцијата посочи дека оваа награда е високо котирана и респектибилна во нашата културна јавност и секој добитник треба да почестен што ќе ја добие оваа награда.
Како што најави Петрески, свеченото врачување на наградата ќе се одржи на 13 февруари.