Меѓународната поетска манифестација „Анџело Ла Векија“ („Il Parnaso – Concorso di Poesia – Premio Angelo La Vecchia“), во соработка со Здружението за развој на култура и заштита на културно наследство „Контекст - Струмица“ годинава по шести пат го распишува конкурсот за специјалната награда за најдобра необјавена поетска творба „Антево слово“, востановена во чест на великанот на македонската поезија Анте Поповски.

- На конкурсот можат да учествуваат поети од Македонија кои ќе испратат една своја необјавена песна на маил адресата: antevoslovo@gmail.com на македонски и италијански или англиски јазик. Со учеството на овој конкурс истите автоматски учествуваат и за носечката награда на манифестацијата „Парнас – награда на Анџело Ла Векија“. Поезијата може да се испраќа до 28 февруари 2023 година, наведоа организаторите на манифестацијата.

Претставниците на манифестацијата велат дека конкурсот за поезија е создаден со цел да се прослави и овековечи, преку „возвишена поезија“, духот, душата, суштината и есенцијата на животот.

Најмногу пријавени поети има од Италија, но меѓу учесниците има поети од цела Европа, Балканот и пошироко.

Специјалната награда „Антево слово “ ќе ја координира интернационална жири-комисија со која ќе претседава поетот од земјава Митко Гогов, поет и претствник на Здружение за развој на културата и заштита на културното наследство „Контекст - Струмица“. Специјалната награда „Антево слово“ официјално ќе се додели пролетта, 2023 година во Каникати на Сицилија, како дел од програмата на меѓународната поетска манифестација „Парнас – награда на Анџело Ла Векија“.

- Сите пријавени учесници ќе имаат можност да влезат во конкуренција за двете награди, носечката награда „Анџело Ла Векија“, награда која е именувана по проф. Анџело Ла Векија, познат во Сицилија и на територијата на Италија со неговата работа како поет, драмски писател, историчар и професор и специјалната награда „Антево слово“ која ќе се доделува во чест на Анте Поповски, познатиот македонски поет, есеист, препејувач и публицист, посочија организаторите на манифестацијата.