Брачната двојка, ликовните уметници Александар и Ана Филеви од Струмица со продажба на свои слики донираа 60 илјади денари за настраданите во земјотресот во Турција и Сирија.

-Понудата ја објавив на мојот фејсбук профил и напишав дека тој што ќе ја купи сликата сумата ќе треба да ја уплати на сметката на Фондот за солидарност на Црвен крст на Македонија: 300000001327266 Комерцијална Банка, со назнака: помош за населението во Турција и Сирија, а сликата ќе може да си ја подигне од моето атеље, изјави Филев.

Само еден час по објавата сликата се продаде, а парите се уплатени на сметката на фондот за солидарност при Црвениот крст.

И неговата сопруга, Ана ја понуди нејзината слика „Охридска куќа“ на продажба по иста цена од 30 илјади денари и истата веднаш се продаде.

Инаку, овие ликовни уметници и порано донирале свои дела за големите поплави во Скопско, за болни деца и други хуманитарни акции. Велат дека ќе продолжат и понатаму, бидејќи тоа многу им значи, а хуманоста не познава граници.