Младите сакаат квалитетни работни места кои нудат можности за развој на вештини и треба да бидат соодветно платени. Законот за работни односи треба да ја регурила работата од дома, а флексибилното работно време ќе донесе бенефити и за младите и за работодавачите. Исто така, е потребно да се реализира ветувањето за намалување на персоналниот данок од 10 на нула проценти за вработените во ИТ секторот, како и платена пракса и волонтирање.
Ова се дел од заклучоците и препораките од анализата „Што сакаат младите - Професиите на иднината бараат вештини и знаења денес" која ја изготви Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП), а која беше денеска презентирана на седница на Националниот совет за евроинтеграции при Собранието.
-Потребно е интензивирање на дијалогот меѓу приватниот сектор и коморите, образовните институции, младинските организации и државните институции за дизајнирање на ефикасни мерки и политики кои ќе можат да придонесат за креирање на поголем број на квалитетни работни места кои на младите ќе им понудат можности за избор согласно нивните квалификации, се вели во Анализата.
Преку дијалог на приватниот сектор и стопанските комори, младинските организации, синдикатите и државните институции, пак, според Анализата потребно е проширување на Оперативниот план за вработување со конкретни мерки кои во согласност со потребите на работодавачите ќе овозможат дополнителни субвенции за платите на лицата до 29 години за период подолг од до сега предвидениот.
Во Анализата се наведува и дека со новиот Закон зa работни односи треба да се регулира и прашањето на флексибилно работно време во согласност со очекувањата на компаниите и младинските организации и младите работници.
-Државата треба внимателно да ги димензионира даночните политики притоа земајќи предвид дека вработените во ИТ-секторот во голем број земји се ослободени од даноци. Воведувањето на прогресивно оданочување над одреден износ на месечни примања може да биде сериозен удар за младите вработени во овој сектор. Треба да се реализира ветувањето за нула проценти персонален данок за ИТ-секторот и да се овозможи најавената платформа преку која фриленсерите ќе можат на едноставен начин, доколку сметаат дека имаат потреба, да ги уплатат своите придонеси за социјално, пензиско и здравствено осигурување, стои во Анализата.
Според Анализата, потребно е дополнување на Оперативниот план со посоодветни и поефикасни мерки за самовработување и водење бизнис за младите луѓе, како и креирање кампања за подобро информирање на младите за можностите и бенефитите од користењето на таквите мерки.
Во соработка со бизнис коморите, една од препораките е и да се изработи решение кое ќе овозможи државата да ги покрие трошоците (целосно или делумно) за периодот на обука на работникот кој е помлад од 29 години.
-Потребни се реформи на образованиот систем кои ќе бидат димензионирани и имплементирани низ дијалог и земајќи ги предвид потребите на младите луѓе и бизнис секторот како и во согласност со препораките на меѓународните организации. Дуалното образование треба да стане дел од системот, а не да биде пилот проект во само дел од училиштата. Државата треба да го зајакне дијалогот со приватните компании и да вложи дополнителни напори за интегрирање на овој систем во средното стручно образование, се наведува во Анализата.
Исто така, се додава дека потребно е да се спроведат квалитетни и темелни реформи на системот за здравствена заштита, да се поддржи вложувањето во приватно здравствено осигурување како алтернатива особено во услови на активна пандемија, и да не се крати од средствата за превентивни прегледи кои се значајни за заштита на здравјето на младите луѓе. Во услови на пандемија и преоптоварен јавно здравствен систем, државата треба да ги стимулира компаниите да издвојуваат средства за приватно здравствено осигурување за вработените преку можноста за други ослободувања доколку се овозможи ваква полиса.
Во Анализата, меѓудругото, се наведува дека младинските организации треба да воспостават систем за соработка со Државната комисија за спречување корупција со која треба да се споделуваат информациите и да се организираат едукативни кампањи за борба против корупција.
Анализата е изработена во рамки на проектот „Што сакаат младите - Професиите на иднината бараат вештини и знаења денес“ кој се имплементира од страна на ИДУЕП, и е финансиран од страна на Европската Унија, а субгрантиран од страна на фондацијата „Ана и Владе Дивац“, Младинскиот сојуз Крушево и три партнерски организации од регионот.
Во рамки на проектот беа организирани два поголеми настани, серија јавни настапи, како и средби со општествени чинители каде заинтересираните страни заеднички ги идентификуваа потребите, барањата и очекувањата на младите луѓе со институциите да градат успешни приказни и инклузивни младински политики, првенствено преку вклучување на секој млад човек во обликувањето на својата иднина. Исто така, една од главните компоненти беше идентификување и на потребите на бизнис заедницата при процесите на вработување и отворање на нови работни места кои ги засегаат и директно таргетираат младите луѓе. Во активностите на проектот се вклучија поголем број на младински организации и индивидуи, стопанските комори, како и јавни институции со надлежност во оваа сфера.