Општина Центар и оваа година запишува до 20 дечиња од ромска националност во градинката „Раде Јовчевски Корчагин“, како дел од проектот „Инклузија на деца Роми во јавните општински установи - детски градинки“.
Овој проект, како што денеска соопштија од Општина Центар, се реализира во соработка со Министерството за труд и социјална политика од 2011 години. По тој повод, градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски присуствувал на презентација на постигнатите резултати од спроведувањето на проектот.
Станува збор за упис до 20 дечиња од три до шест години кои доаѓаат од згрижувачки семејства или приматели на социјална помош на кои општината им ги покрива месечните трошоци за посетување на градинката Ј.У.Д.Г. на О.Ц. Раде Јовчевски Корчагин.
- Општина Центар работи на инклузија во образованието вклучувајќи го и предучилишното образование со цел да се надминат стереотипите и предрасудите во градинките, социјализација на децата уште од рана возраст и учење на македонскиот јазик на децата кои ќе ја посетуваат градинката. Преку учество во овој проект исто така работиме на отстранување на бариерите за пристапот на децата Роми до предучилишните установи со цел да се намали јазот помеѓу Ромите и останатите етнички заедници во делот на образованието. Нас особено ни е важно да ја зголемиме свеста и кај родителите на децата Роми и да ја истакнеме важноста за раниот детски развој и подоцнежното образование како единствена алатка за успешна интеграција во општеството, истакнал Герасимовски.
Според Герасимовски, особено е важно што децата Роми воспитно образовниот процес го следат интегрирани заедно со другите дечиња кои ја посетуваат градинката. Образованието во раното детство, се наведува во соопштението од Општина Центар, ја има клучната улога во развојот на децата и носи позитивни социо-економски ефекти врз целото општество.
Општина Центар ќе продолжи да ги подржува проектите за инклузија и еднаков пристап до воспитно-образовниот процес.