Македонска берза и оваа година се приклучува кон иницијативата „Да заѕвониме за родова рамноправност“ којашто е поддржана од 123 берзи и има за цел подигнување на свеста за родовата еднаквост во приватниот сектор, прашањата поврзани со економијата, финансиите и одржливиот развој.
По овој повод, денеска, ѕвоното на Македонска берза заеднички го заѕвонија Даринка Дамјановиќ, извршен директор на ЦДХВ, Јасна Смилева, координатор на сектор за супервизија на пазарот на капитал во Комисијата за хартии од вредност, Катерина Илиќ-Нонкуловска, раководител на Службата за услуги со хартии од вредност во НЛБ Банка Скопје, Весна Каркинска, извршен директор во Генерали Инвестментс и Иван Штериев, главен извршен директор на Македонска берза.
- Темата за 2023 година е „DigitAll: технологија и иновации за родова еднаквост“, со што токму на Меѓународниот ден на жената се препознава придонесот на жените ширум светот кои се залагаат за унапредување на трансформативната технологија и дигиталното образование, велат од Македонската берза.
Главниот извршен директор на Берзата, Штериев вели дека вклучувањето на „Македонска берза“ пред три години во глобалната иницијатива „Да заѕвониме за родова рамноправност“ било израз на заложбите на Берзата, да се подигне на повисоко ниво темата за родова рамноправност во бизнисот во земјава, односно уверувањето дека домашните бизниси ќе станат поуспешни доколку се подигне степенот на инклузија на жените во деловниот свет со што уште повеќе ќе се искористи нивниот креативен потенцијал.
- На темата за рамноправност во финансискиот свет кај нас се говори веќе неколку години. Имајќи ги во предвид сите искажани заложби за поголема вклученост на жените на раководни функции, односно нивна поголема застапеност во органите на управување, Комисијата ги преточи и во конкретно законско решение. Имено во Предлог законот за финансиски инструменти се регулира подеднаквата застапеност на двата пола во органите на управување кај сите субјекти кои се под супервизија на Комисијата. Ова барање нема да остане само на хартија, напротив ние во Комисијата ќе инсистираме подеднаквата застапеност да биде постигната во првите години од спроведување на овој закон, изјави координаторката на секторот за супервизија на пазарот на капитал во Комисијата за хартии од вредност, Смилева.
Според раководителката на Службата за услуги со хартии од вредност во НЛБ Банка, Катерина Илиќ-Нонкуловска, родовата еднаквост станува не само нужност, туку и извор на синергија во бизнис сферата и во процесите на дигитализација.
- Искуството покажа дека турбулентните времиња се катализатор за пронаоѓање на иновативни заеднички решенија. Во тој контекст сè уште постои простор за промовирање на жената на пазарот на капитал и неговиот дигитален развој, посочиИлиќ-Нонкуловска.
Ова е 9-та кампања на глобалната Иницијатива „Да заѕвониме за родова рамноправност“ којашто се реализира во партнерство на Меѓународната финансиска корпорација (IFC), Светската федерација на берзи (WFE), Иницијативата за одржливи берзи (SSE), во која Македонската берза е учесник, Глобалниот договор на ОН, UN Women и Women in ETFs, за промовирање на родовата еднаквост на пазарите на капитал.
Во функција на зајакнување на општествената свест за постигнување на поголема родова рамнопраност, Берзата и оваа година објави ажурирана анализа за состојбите со половата структура на составите на органите на управување кај котираните акционерски друштва што е достапна на следниов линк: https://www.mse.mk/mk/news/8/3/2023/gender-analysis-2023.