Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи, денеска се сретна со претставниците на Програмата на животна средина при Обединети нации (УНЕП) канцеларијата во Виена, со кои разговараше за тековните проектни активности кои оваа организација ги реализира во земјата, но и за можностите на започнување на нови проекти кои ќе придонесат за унапредување на животната средина.

Како што соопшти прес-службата на Владата, вицепремиерот Битиќи кој е координатор на активностите на државата за зелениот климатски фонд и Соња Герберт, менаџер на проектот „Управување со портфолиото на Западен Балкан“, разговарале за проектот „Climaproof“ што предвидува подобрување на перформансите на животната средина и климатската отпорност на инвестициите во инфраструктурата во Западен Балкан од перспектива на ЕУ интеграциите.

На средбата било констатирано дека долгорочната цел на „Climaproof“ што ќе се интегрира во новиот просторен план што е во фаза на изработка, а ќе ги следи насоките на четвртата национална комуникација за клима усвоена во јануари 2023 година е да придонесе за намалување на ризиците од климатските промени во регионот на Западен Балкан (WB), но истовремено ја подигнува свеста, ги зајакнува капацитетите и создава здрав амбиент за инвестиции во зелената инфраструктура.

Битиќи и Методија Саздов, национален технички координатор на проектот, на средбата размениле мислење и за проектот преку кој се промовира одржливо управување со земјиштето преку зајакнување на правната и институционалната рамка, што значи градење на капацитети и реставрација на ранливите предели.

- Проектот има за цел воведување, тестирање и демонстрација на нови методи и пристапи за борба против деградацијата на земјиштето и значително ќе придонесе за заштита на шумите, се наведува во соопштението.