Од капацитетите на АД „Електрани на Македонија“ (ЕСМ) и ТЕЦ „Неготино“ минатиот месец се произведени 504.338 мегават часови електрична енергија, што споредено со февруари лани, кога производството изнесувало 280.353 мегават часови, претставува зголемување од 80 проценти, соопшти денеска на прес-конференција соработникот во Владата за енергетика, Виктор Андонов.

Истакнувајќи дека се приближува крајот на грејната сезона, Андонов оцени дека домашното производство на струја е зголемено и стабилно.

- Го заокружуваме овој период со функционален енергетски систем што ги задоволува 100 проценти потребите на граѓаните и домашните потрошувачи, рече Андонов.

Вкупното домашно производство во текот на вчерашниот ден изнесувало 15.111 мегават часови, од кои во термоелектраните 10.297 мегават часови, а од обновливи извори 4.814 мегават часови.

Во првите два месеца од годинава вкупното производство на струја од домашните капацитети е 1.065.689 мегават часови или за 50 проценти повеќе во однос на истиот период лани.

- Зголеменото домашно производство на струја е клучно за ублажување на последиците од енергетската криза, како и за креирање мерки за поддршка на граѓаните и стопанството, посочи Андонов.