Премиерот Димитар Ковачевски, денеска, беше во посета на компанијата Македонски Телеком, каде со главниот извршен директор на компанијата, Никола Љушев и со членот на Одборот на директори на Дојче Телеком за Европа, Доминик Лерој разговарале за постигнатите успеси и инвестициските планови за идниот период.
-Македонски Телеком е наш препознатлив бренд, кој се позиционираше како компанија која е двигател на дигитализацијата во општеството, препознатлив и во примена на нови технологии. Македонски Телеком е подружница на Дојче Телеком, една од најголемите германски компании. Германија е земја којашто е голем пријател и голем поддржувач на нашата држава од првиот ден на осамостојувањето. Таа соработка, како на државите, така и на компаниите во оваа држава се гледа низ сè поголемото ниво на инвестиции и сè поголемиот напредок на нашата држава во која, секако, голема улога има компанија како Македонски Телеком, рекол Ковачевски.
Како што пренесува владината прес-служба, Ковачевски нагалсил дека за Македонски Телеком 2022-ра беше година на големи инвестиции, со коишто овозможиле проширување на оптичката мрежа во државата и воведување на 5Г техонологија.
-Заложбата секогаш да се размислува три чекори однапред, доброто менаџирање на процесите со цел побрза и поефикасна услуга за граѓаните, но и напорната и посветена работа, се принцип на работа, кој, во мојата кариера, ги применував и тука, во овие канцеларии, и денес како претседател на Владата, истакнал премиерот Ковачевски.
Тој потенцирал дека е горд на фактот што Македонски Телеком сè уште успешно работи и оценил дека е одлична веста, што компанијата, лани, постигнала пет проценти пораст во приходите од продажбата, со проекции за нови инвестициски планови во идниот период.
-Владата што ја предводам, создава подобри услови и поволна клима за безбедно инвестирање во новите технологии, а новите инвестиции се она што е потребно за континуиран раст и развој на економијата и на државата. Ова е особено важно во услови на неизвесност и во услови на голема енергетска и економска криза. Кризата ја претворивме во можности, и токму затоа, како Влада, успеавме да ја зајакнеме меѓународната позиција на Македонија и да оствaриме многу стратешки цели, поврзани со економскиот развој на државата. Македoнија е земја членка на НАТО и земја со започнати преговори со ЕУ, што е основа за економски зајакната позиција на државата, но и поттик за странските и домашните инвеститори, во Владата да гледаат свој партнер за напредок и развој, истакнал премиерот Ковачевски.
Членот на Одборот на директори на Дојче Телеком за Европа, Доминик Лерој, се заблагодарила на премиерот за посетата.
-Голема е честа што сте денес овде, и како што рековте, и за нас е ова емотивна средба, затоа Ви благодариме. Дојче Телеком е значаен стратешки инвеститор во Македонија изминативе 22 години, како мнозински акционер на Македонски Телеком. Во овој период, Дојче Телеком донесе експертиза и најдобри меѓународни практики и ја трансформираше компанијата во модерен оператор, со инвестиции од речиси 70 милиони евра во текот 2022 година, а ако го гледаме целиот период откако инвестиравме во Македонски Телеком, од 2001 година, над една милијарда евра во компанијата и секако во државата, истакнала Лерој.