Несигурноста е новата сигурност поради што е неопходно зачувување на ценовната и финансиска стабилност, за да се зачува довербата на јавноста, е главната порака од Годишниот форум на „Виенската иницијатива“ што денеска и утре се одржува во Скопје, а чиј домаќин е Народната банка.
Во воведните обраќања и на првиот панел беше порачано дека инфлацискиот раст ќе забави годинава, како во развиените, така и во економиите во развој, како резултат на стабилизирање на цените на суровините, намалувањето на притисоците на страната на понудата и одлучната реакција на монетарните власти. Знаците на забавување, беше посочено, се веќе видливи, но сепак e рано да се прогласи победа над инфлацијата. Како што беше нагласено, клучно е да се зачува стабилноста на цените, како и финансиската стабилност, бидејќи тоа е единствениот начин да се зачува довербата на јавноста. Истовремено, беше порачано дека финансиските системи треба да се адаптираат кон транзицијата на зелена и дигитална иднина.
Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска во поздравното обраќање посочи на значајната улога на банкарскиот систем за поддршка на структурните реформи.
-Одржувањето на банкарскиот сектор здрав и во добра кондиција е важно и поради финансирање на потребните структурни реформи во регионот на Централна и Југоисточна Европа. Доходот и продуктивноста во регионот заостануваат зад напредните европски економии, а одржувањето на финансиската стабилност и финансирањето преку банките може да придонесе за намалување на тие разлики. Во исто време, климатските промени и технолошките иновации продолжуваат, поттикнувајќи ја трансформацијата на нашите општества кон позелена и дигитална иднина. Банките можат да имаат клучна улога во финансирањето на двојната транзиција, истакна гувернерката.
Таа додаде дека во услови на константни кризи, важна улога има и макро-прудентната политика која придонесува за отпорноста за банкарскиот систем, а го зголемува и просторот за реакција на монетарната политика.
-Во оваа насока голем дел од централните банки во регионот, вклучително и нашата, по пандемијата донесоа макропрудненти мерки како што се противцикличен заштитен слој на капиталот и/или заштитен слој за системски ризици, рече Ангеловска-Бежоска.
Гувернерот на централната банка на Хрватска, Борис Вујчиќ посочи дека малите и отворени економии во Централна, Источна и Југоисточна Европа во последниот период се погодени од серија невидени надворешни шокови. Ценовните шокови и глобалната неизвесност, потенцира, претставуваат огромен предизвик не само за монетарната политика, којашто има јасен мандат за одржување стабилност на цените, туку и за креаторите на фискалната политика.
-Од глобалната финансиска криза па наваму, важноста на олеснувањето на дијалогот меѓу релевантните чинители во финансискиот сектор не била толку голема. Така, во ова време на предизвици, улогата на Виенската иницијатива, како единствена платформа на јавниот и приватниот сектор која ги обединува најважните меѓународни и европски финансиски институции, големите банкарски групации кои работат во странство, како и домашните власти и властите во земјата домаќин, станува уште поважна, рече Вујчиќ.
На Годишниот форум, како што посочи, ќе се дискутира за претстојните предизвици во банкарскиот сектор, неопходните трансформации на финансиските системи, бидејќи властите и инвеститорите ги притискаат банкарските групи да ја забрзаат транзицијата кон позелена иднина, за развојот на финансиските услуги и како ефикасно да се балансираат придобивките од дигитализацијата.
На првиот панел, насловен „Монетарната и фискалната политика во свет со висока инфлација“, покрај Ангеловска-Бежоска и Вујчиќ, учествуваа и гувернерот на Народната банка на Словачка, Петер Кажимир, гувернерот на Централната банка на Црна Гора, Радоје Жугиќ, министерот за финансии Фатмир Бесими и потпретседателката на Европската инвестициска банка (ЕИБ), Лилјана Павлова.
Гувернерот на Народната банка на Словачка истакна дека се очекува инфлацијата во еврозоната да остане висока подолго време.
-Не можеме, а и нема да стоиме на страна. Решени сме инфлацијата да ја сведеме до нашата цел и ќе го сториме тоа. Затегнувањето на монетарната политика почна да дава резултати, а повисоките каматни стапки функционираат. Сепак, нашата борба со инфлацијата не е завршена. Ризиците не исчезнаа, напротив, упорно опстојуваат. Значи, сè уште имаме доста работа на терен, но убеден сум дека ги имаме сите алатки на располагање за да стигнеме до нашата крајна, посакувана цел, посочи Кажимир.
Истакна дека Словачка е земја во која недвижноста е главен капитал со кој располагаат домаќинствата и оти е втора во ЕУ по бројот на недвижности кои се во сопственост на домаќинствата, а прва според задолжувањето на домаќинствата со хипотекарни кредити кои за купување недвижност. Дури 60 отсто од таквите кредити, додаде, се земени со фиксна камата од 6 проценти што ќе предизвика проблеми во 2024 и 2025 година.
Гувернерот на централната банка на Црна Гора истакна дека еден од клучните внатрешни фактори во неговата земја кои влијаат на инфлацијата се неодамнешните зголемувања на платите, кои не биле придружени со раст на продуктивноста или создавање нова вредност.
-Тие го подигнаа нивото на побарувачката, не само за производите и услугите, туку и за кредитите, a може да се каже и дека на краток рок ја зголемија даночната основа. Сепак, на среден рок ова ќе прерасне во голем фискален проблем бидејќи буџетскиот дефицит ќе се зголеми, а ќе се зголемат и трошоците за негово финансирање. Во овој контекст, сите дополнителни најави за зголемување на платите би претставувале голем предизвик, потенцира Жугиќ.
Министерот за финансии, Фатмир Бесими посочи дека нашата земја како мала и отворена економија е чувствителна на надворешните шокови и тие брзо се прелеваат.
-Затоа Владата во координација со Централната банка навремено презема мерки за намалување на инфлациските притисоци и преку постепена фискална консолидација ја одржуваме макроекономската и фискалната стабилност. Владата презеде мерки за поддршка на граѓаните и компаниите со мерки со цел намалување на ценовните притисоци затоа што имаме ранливи категории на граѓани, домаќинства и деловни субјекти што се соочуваат со други шокови во делот на снабдување со електрична енергија и со гориво, рече Бесими.
Стратегијата беше, рече Бесими, да продолжиме да се бориме да имаме конзистентни политики и да им дадеме порака на деловната заедница и на домаќинствата за аспектите за создавање на иден раст и затоа беа преземени потаргетирани мерки.
-Целта ни е намалување на буџетскиот дефицит кој од 8,2 отсто во 2020 година се намали на 4,5 отсто во 2022 година,а за годинава е планиран на 4,6 отсто во кои како буфер за енергетската криза е предвиден 1,5 отсто. Се планира во наредните години да се сведе на три отсто, рече Бесими, додавајќи дека како држава ќе се обидеме да се приближиме кон зголемување на капиталните трошоци и да го оствариме планот за намалување на јавниот долг до 60 проценти.
Потпретседателката на ЕИБ порача дека постои зголемување на побарувачката за нивните услуги и додаде дека одржливото инвестициско трошење ќе остане клучен двигател на растот во Европа, и од јавните и од приватните субјекти и затоа, како што потенцира, треба да се навикнеме дека „несигурноста е новата сигурност“. Дури 87 проценти од компаниите, додаде, посочуваат три главни пречки за долгорочно финансирање – несигурност, недостаток на обучена работна сила и високите стапки на инфлацијата.
-Групацијата ЕИБ покажа дека е доверлив партнер и на двата сектора. Сметаме дека одржливите инфраструктурни проекти не треба да се одложуваат бидејќи тие овозможуваат активности во синџирот што инаку не би биле возможни. Затоа, инвестициите мора да бидат сконцентрирани на обновливите извори на енергија, енергетската ефикасност, иновациите, дигиталните и одржливите инфраструктури, согласно со приоритетите на секоја земја во која работиме, потенцира Павлова.
Посочи дека ЕИБ може да им помогне на земјите од Централна и Југоисточна Европа во справувањето со енергетските шокови и додаде дека за следната година планира нови 100 до 120 милијарди евра за дополнително финансирање во поддршка на постигнувањето на таканаречената „нулта економија“ до 2030 година. Посочи дека во следните шест години се планирани по една милијарда евра годишно за инвестиции во технологиите во делот на клучните безбедносни системи и на одбраната.
„Виенската иницијатива“ е платформа којашто ги поврзува меѓународните финансиски институции, банкарските регулатори и претставниците на банкарските групи од Европа, присутни во регионот на Централна Источна и Југоисточна Европа (ЦИЈЕ). Таа е формирана преку координација на Европската банка за обнова и развој, Европската инвестициска банка, Европската комисија, Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка, за време на првиот бран на Глобалната финансиска криза во 2009 година. На Годишниот форум во Скопје учествуваат гувернери на централните банки од ЦИЈЕ и високи претставници на Европската инвестициска банка, Европската банка за обнова и развој, Меѓународниот монетарен фонд, Светската банка, Европската централна банка и Европската комисија, како и претставници од банкарскиот сектор.