Регионалната соработка овозможува раст и развој на економите. Предизвиците не се пречка, тие се шанса за заедно да ги надминеме и заедно да ги мултиплицираме шансите и можностите што се отвораат пред нас.
Ова го порача вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи на регионалната конференција „Како да се обезбеди поголема соработка помеѓу економиите од Западен Балкан - предизвици и можности“, што денеска во Скопје ја организираше Стопанската комора како дел од активностите на проектот „Поддршка на приватниот сектор за регионална интеграција”, којшто се спроведува во партнерство со УСАИД.
-Продлабочувањето на економската интеграција и соработка помеѓу државите од Западен Балкан преку сите постоечки иницијативи е приоритет на сите народи од нашиот регион. Ова треба да биде Балканот на 21-от век. Регионалната конкурентност е клучот кој ја отвора вратата за просперитет на Западен Балкан, рече Битиќи.
Според него, целиот регион со околу 18 милиони жители кој го има започнато патот да стане дел од заедничкиот пазар на ЕУ, се уште е далеку под стандардот на земјите од ЕУ, со БДП по жител на ниво од околу 30 отсто од просекот во ЕУ.
-За да стигнеме до ЕУ просекот е можно, само преку меѓусебна соработка. Регионалната конкурентност, наспроти регионалната конкуренција е нашата можност за побрзо надминување на предизвиците во модерните времиња на брзи промени, истакна Битиќи.
Американската амбасадорка Анџела Прајс Агелер посочи дека иднината на регионот е во рацете на бизнисмените.
-Иднината на регионот е во ваши раце. Вие - приватниот сектор, мора да придонесете во решавање на најголемите предизвици кои се пречка за инвестициите, ги попречуваат иновациите и креираат економска нестабилност. Барајте владеење на правото, помогнете во борбата со корупцијата и лобирајте за подобрена инфраструктура и поврзаност во регионот, порача Агелер.
Претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески посочи дека се уште во нашиот регион историјата и политиката се доминантни во однос на економијата и бизнисот.
-На балканските политички елити 30 години им беше потребно да сфатат дека регионалната политика и пристап во работењето не е враќање кон старата Југославија, туку е приклучување кон западните прогресивни вредности и дека за успешна регионална интеграција потребни се иницијативи од самите земји во регионот на Западен Балкан, по успешниот пример на Вишеградската група, рече Азески.
Не само што сме поединечно мали, туку и вака здружени во Западен Балкан, рече Азески, ние сме мали како регион.
-Тоа значи дека треба да вложуваме максимални напори, за да ги подобриме сите перформанси кои се битни за зголемување на извозот и за создавање на конкурентни производи кои со својата цена со својот квалитет, ќе можат да се носат со конкуренцијата на другите пазари. Ако тоа не го правиме ние го доведуваме во прашање развојот на бизнисот, посочи Азески.
Во рамки на конференцијата се реализираше и панел дискусија со фирми од регионот на Западен Балкан во насока на истакнување на позитивните примери и добрите пракси и можностите, проблемите и предизвиците за зголемување на регионалната соработка. Беше презентирана и студија за можностите за поттикнување на поголемо ниво на регионална соработка, чиј креатор е професор д-р Дарко Лазаров, главен експерт и претседател на Клубот на извозници при Комората.
-Стручно изведената анализа изработена за потребите на проектот на Комората во партнерство со УСАИД е прва од ваков вид во регионот која на еден поинаков начин, преку детална разработка на податоци на ниво на поединечен производ и пазар ги анализира тековните состојби но многу поважно ги мапира неискористените интра регионални трговски потенцијали, велат од Комората.
Преку проектот „Поддршка на приватниот сектор за регионална интеграција”, што почна да се спроведува пред девет месеци, УСАИД ја поддржува Стопанската комора на Северна Македонија во напорите да овозможи подобра интеграција на бизнисите во регионалните и глобалните вредносни синџири и засилување на нивниот капацитет за да бидат конкурентни на Западниот Балкан и пошироко во ЕУ. Идејата е да се создадат алатки за јавно-приватен дијалог, промоција на придобивките од регионалната економска интеграција на деловната заедница, истражување и унапредување на можностите за извоз и обезбедување одржливи услуги за извозните компании.