Директорот на АД ЕСМ Васко Ковачевски од лични причини поднел оставка од функцијата и на негово место на следната владина седница ќе биде назначен, Васко Стефанов.
За одлуката на директорот на АД ЕСМ, премиерот рече дека разговарале уште во текот на минатата година и дека утрово усно, а утре и писмено, ќе биде доставена оставката која ќе биде констатирана на следната владина седница.
Досегашниот генерален директор на АД ЕСМ останува да работи во компанијата.
- Вработен сум во АД ЕСМ. Прво ќе го земам одморот од 20 дена, а потоа по проценка на новиот менаџмент на ЕСМ и министрите ќе процениме каде ќе биде моето место во компанијата. Она што го протежирам е да се посветам пред се на семејството, односно на моите две деца кои имаат потреба од мене за иден раст и развој односно доообразование, истакна Ковачевски.
Во однос на тоа дали е задоволен колку успешно менаџирал со компанијата, Васко Ковачевски рече дека бројките во делот на производството и во делот на финансиите се најдобра потврда за тоа.
- Убеден сум дека пред се како држава, а потоа и како компанија, успешно ја изменаџиравме кризата. Бевме соочени со сериозни предизвици, некогаш и на дневни, а некогаш и на часовни одлуки, кои требаше да се донесат пред се благодарение на ангажманот на вработените во ЕСМ, кои ја сфатија сериозноста на енергетската криза и кои направија значителен личен влог за сите капацитети да се стават во функција и да се зголеми домашното производство, а со тоа да се намали набавката на електрична енергија, рече Ковачевски.
Поради пензионирање од АД ЕСМ ќе замине и Добрила Стефанова, а на нејзно место за нов член на Управниот одбор и директор на финансии ќе биде назначена Марија Пејкова.