Градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски денеска на прес-конференција го промовираше проектот за дигитализација, насловен „Со дигитализација до ефикасна администрација”.

-Од денес Кисела Вода е првата општина во Македонија, но и на Балканот, каде вадењето на извод од детален урбанистички план, е целосно електронски. Ова е посебно важно бидејќи изводот е појдовна точка во сите градежни и урбанистички процеси, како и за многу постапки кои се водат во министерствата и друите институции на централно ниво. Ако досега за оваа услуга беше потребно да се дојде на шалтер, а потоа да се чека еден, а некогаш и повеќе месеци, од денес натаму за изводот се аплицира електронски, се плаќа електронски и во рок од 72 часа, истиот се добива по електронски пат, односно тој ќе пристигне на е-маил адресата на барателот. Како што кажав, ова е финализација на првиот дел од проектот насловен „Интегриран ГИС систем” кој го отпочнавме веднаш по моето доаѓање на позицијата градоначaлник на Кисела Вода. Преку него ги дигитализиравме сите урбанистички планови и ги поставивме на нашата веб страница. За разлика од минатото, кога никој ниту знаеше колку планови има, ниту што тие содржат бидејќи стоеја заклучени во нечии фиоки, ние, како ново раководство во општината, ги ставивме на увид на граѓаните и им дадовме можност за забелешки и сугестии. Со ова се отворија и многу Пандорини кутии и на површина излегоа многу неправилности во работењето на моите претходници. Целосната транспарентност која на овој начин ја нудиме е најсилното оружје во борбата против криминалот и корупцијата во нашето општество, истакна градоначалникот Ѓорѓиевски.

Тој потенцираше дека преку пренесувањето на административниот процес во електронска форма, се подобрува ефикасноста и брзината на работа на општината.

- Втората етапа ќе опфати внесување во ГИС системот на сите дивоградби, на сите нови ДУП-ови кои, секако, претходно ќе бидат јавно објавени за забелешки, потоа попишување и внесување на целокупната урбана опрема, на сите градинки, училишта, бизнис ентитети. Ќе се направи регистар на улици и попис на целокупната инфраструктура во општината. По примерот на високоразвиените европски и светски градови, втората фаза треба да финализира со вадење на документи кои се потребни при градежните и урбанистичките процеси во кои целосно ќе биде изоставен човечкиот фактор. Со ова ќе се оневозможи моќта на службените лица да извршуваат коруптивни активности, а постојаната достапност на информациите, на граѓаните ќе им даде можност да ги проверат своите документи и трансакции и да детектираат било какви неправилности, информираше градоначалникот Ѓорѓиевски.

Новата дигитална платформа е поставена и достапна на веб страницата на Општина Кисела Вода. -Сепак, доколку желбата на странката е изводот да го добие во хартиена форма, нашите служби стојат на располагање и тоа ќе им биде овозможено. Архивата во барака 6, работи секој ден и тоа со продолжено работно време, до 18 часот, велат од општина Кисела Вода.