Со 16 победи од исто толку натпревари во домашното првенство екипата на Макпетрол стана државен шампион во куглање по рекорден 22-ри пат. „Макпетролци“ се и актуелни освојувачи на Купот на Македонија, натпреварување во кое имаат вкупно 12 трофеи. За состојбата со македонското куглање, нашата репрезентација и државниот шампион разговаравме со Младен Донковски репрезентативец и член на клубот Макпетрол.
Донковски вели дека и покрај моменталното ниско ниво, со работа, труд и вложување во младите надежи, куглањето во нашата држава може да се врати на старите патеки. Покрај доминацијата на домашна сцена, вели дека има уште работа за да се стигне до „најдобрите“ на меѓународно ниво. Нареден настап на „Макпетрол“ е викендов, во кој ќе земат учество на повеќе реномирани турнири во Хрватска, а потоа, во мај, ги очекува претстојното Светско првенство во Вараждин, исто така, Хрватска.
Вашиот тим без проблем успеа да дојде до шампионската титула, како и трофејот во Купот. Како го оценувате првенството, со оглед на тоа дека се натпреваруваат само седум машки екипи и две женски? Дали е тоа доволен број за една лига?
- Не би рекол дека е доволен број за една лига, конкретно за квалитетот на една лига, но ситуацијата е таква каква што е. Во Македонија ние мораме да се адаптираме на таа ситуација, да ја прифатиме како реалност и да продолжиме понатаму да го живееме својот сон. Во однос на оценка за лигата, ќе кажам дека оваа сезона, лигата се реши веќе во првото коло од Македонската кугларска лига кое се одржа на 10 септември 2022 година кај што своите кугли ги вркстивме со директниот конкурент за златото, Вардар 2014, и уште во првото коло извојувавме, ајде да кажам, убедлива победа од 6:2. Не знам, голем беше сет количникот, исто разликата, така што, опуштено влеговме во остатокот од сезоната. Во вториот дел од сезоната ја заверивме нашата титула и остана рутински да го обработиме останатиот дел од првенството.
Во минатото голем број на претпријатија имаа свои кугларски тимови и на тој начин успеваа да ги одржат вработените да бидат активни. Дали е возможно овој модел да се применува во денешно време?
- Не би рекол дека е возможно поради тоа што светот оди од ден во ден сѐ подалеку и подалеку поради социјалните медиуми, паметните телефони, паметните уреди, модернизација на секојдневниот живот, изградба на моловите, зголемувањето на опциите кои што ги нуди животот. На пример, веројатно попаметно би ѝ било на некоја корпорација да уплати термин во сала да играат мал фудбал, кошарка, билјард, пинг-понг, или некои поатрактивни спортови, каде што се помали и трошоците, отколку да влезе во куглана и да изгуби неколку часа, во навидум неинтересен и неатрактивен спорт. Но, додека не влезат, не можат да проценат. Да, во минатото имаше повеќе екипи во лигата, во поодамнешното минато Македонија броеше и две лиги, ОКТА беше дел, 18 Август – АРМ кој беше составен од припадници на Армијата, Инекс Дрим хотелот од Струга, исто така, имаше своја екипа, Маслодајна – Велес како и Македонска банка и други поголеми и помали корпорации, кои, за жал, како тече времето, како се сведуваат трошоците на минимум така и згаснуваат клубовите.
Кои се денешните седум екипи?
- Макпетрол има свои два тима – Макпетрол А и Макпетрол Б, Вардар 2014 и пелистер од Битола имаат, исто така, по два тима А и Б, ГТЦ има една екипа, тоа се седум машки екипи и има уште една екипа, Империјал Тобако ТКС или Тутунски комбинат Скопје, која до пред некоја година, значи до пред КОВИД-кризата учествуваше во лигата, но, со тек на време изгуби дел од играчите, тие се луѓе во години и тоа си го сфати како рекреативен спорт и така и продолжија да се доживуваат. Двете женски екипи, едната женска екипа е ГТЦ Мусандра, а другата е женската екипа Пелистер од Битола.
Покрај домашната сцена, дали Макпетрол настапува на меѓународни натпреварувања и доколку да, колку сме далеку од најдобрите?
- Македонската лига е филтер или отскочна даска за излез во Европа. Со самото рангирање во домашното првенство - прво, второ, трето или четврто место, или освојувачот на Купот, се изборува пласман за во Европа. Европските купови се одигруваат во месец октомври секоја година. Има Светски куп каде се натпреваруваат шампионите од сите држави, како и куп каде што се натпреваруваат второпласираните и куп каде што се натпреваруваат третопласираните и освојувачите на националните купови. Макпетрол учествува секоја година во Еврокуповите. Најголемиот успех е пред точно 10 години во 2013 година во германски Аусбург каде што е освоено среброто, значи второ место. Тогашната екипа на Макпетрол отиде како освојувач на домашниот Куп. Наредната година, 2014, исто во Германија во Еринген беа во први квалификации, но, за жал, завршија четврти завршија. За жал, малку сме далеку од моменталната ситуација и моменталните екипи. Тоа е поради тоа што модерните куглани кои се градат насекаде низ Европа не се ни блиску до нас, оние кои што ние ги имаме тука. Значи, условите што ние ги имаме тука и условите што ги имаат останатите екипи се многу различни. Ние можеме да бидеме конкурентни на куглани кои што се слични на нашата, каде што тренираме ние, со доза на среќа да имаат сите куглари свој ден и во тој случај би биле конкурентни. Инаку, за жал, сме далеку од конкуренцијата.
Тука ќе се надоврземе и со прашањето за инфраструктурата. Вие како клуб тренирате во кугланата „Мусандра“, претходно во Спортскиот центар „Борис Трајковски“. Дали има доволна и квалитетна инфраструктура, односно дали можеме да кажеме дека има доволно пристојни куглани за да се тренира овој спорт кај нас?
- Во Македонија се активни две куглани. Тоа е кугланата „Мусандра“ во Градскиот трговски центар и кугланата во Битола при Спортскиот центар „Боро Чурлевски“. Таму настапуваат битолските екипи на Пелистер и двете машки и двете женски, а постои куглана во Спортскиот центар „Борис Трајковски“, но, за жал, таму не тренира ниедна екипа од пред не знам, можеби година дена – две откако настапи енергетската криза. Таа куглана моментално се користи само за одржување на детски родендени, на приватни забави, рекреативни настани и слично. Постои куглана во хотелот Инекс Дрим во Струга каде што исто така се користи за интерни потреби, потреби на рекреативци, на туристи. Двостазна куглана има во хотел Десарет во Охрид, која се користи за некои банкарски игри и за слични натпреварувања. Постои куглана во Домот на АРМ тука кај нас во Скопје и не сум сигурен дали е во функција и во каква состојба е. Во хотел Белви, исто така, има куглана, но, мислам дека таа е под клуч, а во каква состојба е не знам и дали има иницијатива или желба за повторно враќање во функција, не би рекол дека има. Исто така, постои куглана и во мотел Македонија во Велес каде што порано настапуваше екипата на Маслодајна. Генерално, тоа се кугланите во Македонија, од кои што, за жал, активни се само две.
Која би била генералната оценка за инфраструктурата?
- Не знам искрено. Не можам да дадам конкретна оценка и апелирам да се крене свеста на задолжените и на влијателните луѓе и компании за да се вратат во функција сите овие куглани.
Од репрезентативниот аспект, како функционира Федерацијата, дали има репрезентативни собири и доколку е така дали се истите доволни?
- Моментално работиме во полна пареа со репрезентација на Македонија, се подготвуваме за екипното Светско првенство кое ќе се одржи во Вараждин во Хрватска сега во месец мај од 17 до 28. Машката репрезентација е во група со светскиот шампион Србија, со Чешка и со аутсајдерот Данска. На 20 мај во 11:40 играме против Чешка и буквално од тој настап зависи дали ние ќе го продолжиме натпреварувањето во понатамошна фаза или ќе треба да се вратиме назад. Во месец декември во Битола одигравме пријателски натпревар со репрезентацијата на Босна и Херцеговина, го загубивме тесно со 5:3 и некои си триесеттина кегли. Требаше овој период месец април да се договори реванш, пријателски натпревар со Босна и Херцеговина на нивно тло, но, поради празниците не најдовме заеднички јазик и не најдовме време и место каде би се одиграл тој натпревар. Останува на нас да се подготвиме, да го дадеме најдоброто од себе и да отидеме и во најдобро светло да ја претставиме татковината.
Имајќи ги предвид овие активности можеме да заклучиме дека има доволно активности и собири кои што ви овозможуваат непречена работа и натпреварување?
- Да, доволно активности има. Ајде ќе се осудам да кажам на клупско ниво кои помагаат за подобар резултат на репрезентативно ниво. На репрезентативно ниво – да, реков имаше во месец декември претходната година и тука застанавме заради непознати причини.
Дали може да ни ги откриете тие причини?
- Добро, тоа е познато. Секаде во Македонија финансиите се најглавната причина за случување или за не случување на некои работи и поради тоа ќе дадам апел до сите кои се љубители на спортот, на куглањето, сите поединци, компании и фирми кои можат да помогнат за подобро утре на Македонската кугларска федерација, да донираат колку можат за да почне да цвета и да се врати на старите патеки овој спорт кој е еден од најтрофејните во Македонија. Но, немаме многу информации за тоа бидејќи и не е така атрактивен како останатите спортови. Ќе кажам дека Македонија точно пред 10 години, во 2013 година на Светското екипно првенство во Унгарија освои светско сребро и не верувам дека досега една наша репрезентација постигнала таков успех, а и за понатаму исто сум песимист. Дај боже да се случи нешто, ама не верувам.
Бидејќи ги споменавте финансиите, во јавноста, нели, познат е ваучер-системот кој што помага на спортовите да се развијат, дали вие добивате некоја помош со тоа?
- Добиваме да, клубовите добиваат ваучери, а Федерацијата и поединците не добиваат.
Како придонесуваат овие ваучери за клубовите?
- За одржување на клубовите во живот, за одржување на површина на нивото на водата ќе се осудам да кажам, за плаќање термини за тренинзи и за натпревари, и ако остане нешто ситно за некоја пријателска утакмица со соседите од Србија или Хрватска или Босна, тоа е тоа. Мислам за покривање на основните потреби, не за повеќе. Ќе се задржам уште малку на финансиите бидејќи ги споменавте како проблем.
Како, според вас, можеме без разлика на сѐ да го вратиме куглањето на старите патеки?
- Со многу работа, труд и откажување на поединци и на компании. Треба многу работа и труд. Како што знаеме, сметката на Кугларска Федерација на Македонија е блокирана веќе извесен период. Се работи, значи моменталното раководство на Федерацијата и секои претходни раководства на Федерацијата правеле макотрпни напори за да ја ослободат сметката, но, за жал, не успеале. Моментално се гледа светло на крајот на тунелот, макотрпно се работи и верувам дека во блиска иднина ќе успееме да ја одглавиме сметката на Федерацијата, така што би почнале да примаме финансиски инјекции од Агенцијата за млади и спорт и од други спонзори од околу, бидејќи моментално немаат каде тие финансиски средства да легнат кои би биле наменети за организирање на Македонската кугларска лига, на машката и женска репрезентација и пониските старосни возрасти.
Веруваме дека во развојот на куглањето многу ќе придонесат и младите надежи. Каква е состојбата со нив, колку подмладоци има кугларството кај нас?
- Еден голем поздрав ќе упатам до колегите од Битола – Кугларскиот клуб Пелистер, бидејќи тие моментално најмногу работат на тој аспект и имаат доста подмладок. Посебен акцент имаат ставено на женските екипи, каде преку училишен спорт, значи преку училишно куглање каде што Општина Битола задолжи голем дел од училиштата да ги носат учениците од осмо или од деветто одделение во куглана. Со ова, значи, колку деца да излезат оттаму, пет да излезат, куглањето ќе биде во добивка.
Каква е состојбата со младите на репрезентативно ниво?
- Тие ја држат репрезентацијата. Значи, младинска репрезентација машка и женска моментално нема, има кадетска репрезентација до 19 години. Најголем број натпреварувачки се баш од Кугларскиот клуб Пелистер од Битола.
Кое е вашето следно натпреварување на меѓународно ниво и какви се вашите очекувања од истото?
- Со клубот наредно натпреварување е викендов, каде одиме на реномирани турнири во Хрватска. Во сабота во 18 часот настапуваме на реномираниот турнир во Забок, утредента на 23 април во недела играме пријателски натпревар со доста квалитетната екипа на Грмошица од Загреб и вечерта затвораме со настап на светски познатиот турнир во Запришиќ од 19 часот каде што ќе ги покажеме своите квалитети, и тоа, водено е припрема за претстојното Светско првенство што следи во мај во Вараждин, Хрватска.
Ангела Рајчевска
Зоран Стерјовски