Медиумски писмен човек е првенствено човек, кој е писмен за вести, кој сака да размислува, информациите кои ќе дојдат до него не ги прима автоматски, ги анализира, има еден активен пристап. Медиумски писмен човек верува дека може да се справи со информациите, верува дека може да ги контролира информациите што стигнуваат до него, тој одлучува што ќе провери, што ќе смета за информација или за дезинформација, има прилично големи познавања како функционираат медиумите и кое е нивното влијание врз граѓаните. Тоа е човек, кој има внатрешна мотивација за вести, да следи вести заради сопствено добро, не затоа што треба или мора. Медиумски писмен човек е и човек којшто сака да се едуцира за дезинформации, сака да знае во каков свет живее, што значи дезинформацијата, какво влијание има, ја има таа активациска компонента да се приклучи за некаков вид на едукација, сака да учи. Едноставно тоа се луѓе коишто сакаат да учат.

Ова во интервју за МИА го вели проф. д-р Елеонора Серафимовска од Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања, наведувајќи ги карактеристиките на личностите со повисока медиумска писменост. Со Серафимовска, која е доктор по комуникациски студии и магистер по психолошки науки, разговаравме за неодамна објавеното истражување „Ранливост на дезинформации кај различни групи граѓани во Северна Македонија“. Таа е еден од авторите на истражувањето изработено во соработка со Институтот за комуникациски студии, во кое беа разгледани различни фактори кои влијаат врз отпорноста на граѓаните кон дезинформации.

Истражувањето е фокусирано на ранливи категории граѓани, односно тестирани се група на студенти, група на пензионери и една фокус група на лица со ниски примања, но како што вели Серафимовска, примерокот е мал за да биде репрезентативен за целата држава, но сепак резултатите даваат основа за тоа каде сме во моментов во однос на медиумската писменост и во која насока треба да се движиме.

- Општо граѓаните на Северна Македонија не се отпорни на дезинформации или се многу ранливи на дезинформации, вели Серафимовска, но додава дека ова е премногу општа констатација, бидејќи тоа мора да се прецизира во однос на примерокот, дали се работи за сите македонски граѓани, за каков вид на дезинформации се работи итн.

Во интервјуто таа говори за резултатите од истражувањето, за начинот на кој е расчленета медиумската писменост, со посебен фокус на писменоста за вести. Индексот за писменост за вести е малку над просек, што според Серафимовска е една добра основа за да бидеме медиумски писмени, на која, сепак и треба сериозна надградба.

Во индексот за писменост се мерени три компоненти, меѓу кои и локусот на контрола на медиумите, кој укажува колку поединецот смета дека работите зависат од него или се надвор од негова контрола.

- Во однос на тој локус на контрола, колку јас мислам дека од мене ќе зависи колку ќе бидам или информирана или дезинформирана. Бидејќи има луѓе велат: „Јас не можам ништо да направам, едноставно ме лажат медиумите што можам јас да направам – ништо“, нагласува Серафимовска, додавајќи дека студентите и пензионерите имаат некој просечен локус на контрола, но исклучително ниско е нивото на преземање одговорноста.

Во интервјуто разговаравме и за третата компонента на писменоста за вести - познавање на функционирање и структурата на медиумите, за кое истражувањето покажало исклучително ниско ниво.

- Ако студент втора година, дури и на студии односи со јавност има толку малку познавања за медиуми што можеме да заклучиме за нашето основно образование и за нашето средно образование? Не велам дека ова се информации, пак ќе го спомнам тој репрезентативен примерок, можеби не можеме големи генерализации да донесуваме, меѓутоа насоката е таа. Ние сме прилично неинформирани како функционираат и што се медиумите и медиумските системи, какво влијание имаат врз луѓето, вели таа.

Живееме во ера на забрзан технолошки развој, постојано нови форми на информациски системи, надградување на информациската инфраструктура, време на нови можности, но и време на атак врз сетилата на граѓаните со безброј најразлични информации, а некаде меѓу нив и вистината. Дезинформациите не се нов феномен, постојат откако постои човештвото меѓутоа нов во ова време во кое што ние живееме е начинот на којшто тие можат брзо да стигнат до граѓаните. Колку македонските граѓани се отпорни на дезинформации и какви сознанија добивте од ова истражување?

- Ајде ќе почнам со една кратка констатација многу општо дека граѓаните на Република Македонија не се отпорни на дезинформации или се многу ранливи на дезинформации. Иако ова е, велам, премногу општо затоа што ќе мораме малку да прецизираме во однос на примерокот дали се работи за сите македонски граѓани, за каков вид на дезинформации се работи итн., меѓутоа, првично би кажале дека ние навистина не сме отпорни. Во текот на разговорот нели се надевам ќе допреме до причините зошто е тоа така, а спомнавте дека тој феномен не е нов. Навистина не е нов и не е ново дека денеска многу побрзо доаѓаат, туку она што е ново, сега малку од научен аспект е дека во последно време пробуваме да ги измериме, да ја измериме медиумската писменост, пробуваме да ја измериме умешноста за препознавање дезинформации, за да знаеме на кој начин можеме да дејствуваме, каде да дејствуваме, со што да влијаеме итн.

Велам општа констатација затоа што се разбира не направивме репрезентативен примерок, не можеме да заклучиме дека македонската популација, граѓаните на Република Македонија поточно потполно не разликуваат информација од дезинформација. Меѓутоа, некои насоки дефинитивно допревме. Направивме еден сложен инструмент. Неколку пати истакнавме во едицијата дека се работи првпат едно вакво истражување, правени се многу истражувања во однос на медиумската писменост, точно и во нашата држава, навистина мислам дека во последните години многу веќе се вложува.

Што го разликуваше ова истражување од претходните истражувања?

- Ова истражување влегува во длабочина, се бараат причините. Прво, пробавме да го дефинираме конструктот, да видиме што се влегува во таа медиумска писменост бидејќи многумина мислат дека тоа е само знаење за медиуми. Знаете, медиумски писмени некако асоцира на тоа колку ние ги познаваме медиумите и како тие функционираат. Меѓутоа не е само тоа, тоа е дефинитивно многу сложен конструкт во којшто првпат мислам дека се обидовме да го измериме, да ги осветлиме сите аспекти на тој конструкт и да видиме дали навистина е поврзан со препознавањето на дезинформациите.

Може ли накусо за методологијата врз основа на кое го спроведовте ова истражување, на колкав примерок. Колку тој примерок ни дава одредени основи за понатаму, рековте не е репрезентативен, меѓутоа претпоставувам дава некои основи за понатаму?

- Таргетот на Институтот за комуникациски студии беше на ранливите категории. Значи, ние немавме претензија да направиме истражување со репрезентативен примерок. Рековме дека овој дел од истражувањето ќе биде посветен на ранливите категории на луѓе во однос на дезинформациите и ќе се обидеме да видиме кои се тие корелати, кои се тие фактори коишто доведуваат до медиумска писменост и кои се последиците на медиумската писменост. Така што, станува збор за една корелациска студија. Имавме група на студенти, имавме група на пензионери – точно 193 студенти и 98 пензионери. Навистина беше доброволно учеството. Значи, тоа е еден примерок еве научно кажано во тој методолошки дел дека тој е еден ненамерен примерок, ги биравме можеби студентите коишто веќе се на тие факултети, коишто веќе се сензитивитизирани за медиуми, како функционираат медиумите итн. и секако еден од условите ни беше да следат вести, да се имаат некакви познавања како функционираат интернет вестите, па дури и да учествувале во некој вид на обука за медиумска писменост. Применивме сложен инструмент. Дел е земен и прилагоден од странство, меѓународен инструмент во однос на писменоста за вести, а потоа ние додадовме уште неколку сегменти со коишто всушност првпат ги проверивме и нашите теориски основи за медиумската писменост.

Велите прво истражување од ваков вид, меѓу другото затоа што се обидовте да ја расчлените медиумската писменост. Потесно ја истражувавте писменоста за вести. Ќе може ли мало појаснување како ја расчленивте медиумската писменост и што се меревте во ова истражување?

- Веќе во науката и во експертската јавност веќе се прави разлика помеѓу медиумска писменост и писменост за вести и тоа навистина не е исто. Во еден момент – да, има интерсекција и се поклопуваат тие термини меѓутоа не се исто значливи, тоа не се синоними. Во тој конструкт на медиумска писменост веќе се испитува писменоста за вести со еден инструмент којшто ние го земавме, го преведовме на македонски и на албански јазик и всушност направивме и проверка на инструментот во пракса. Се покажа дека навистина функционира во нашата држава и освен тој дел што се однесува за писменост на вести додадовме уште, сметавме дека можеби за таа медиумска писменост се потребни уште две компоненти, така што предложивме еден наш теориски дел во којшто медиумската писменост се сфаќа како еден сложен конструкт на меѓусебно зависни, писменоста за вести е еден аспект, еден аспект е мотивацијата, значи таа е таа една активациска компонента колку ние сакаме да слушаме вести, колку сакаме да се информираме, колку сакаме да знаеме што се дезинформации и третиот аспект е свесност за бариери, бидејќи знаеме, претпоставувавме, а и науката тоа го вели дека за да бидеме умешни да препознаваме дезинформации битно е да сме свесни и за бариерите во тој процес на препознавање.

Што значат тие бариери?

- Бариерите во процесот на препознавање се мноштво. Ние ги земавме четирите коишто се најчесто бариери – пречки за препознавање. Прво се емоциите. Кога ќе бидат провоцирани одредени емоции со некоја одредена вест тоа може да биде навистина пречка во препознавањето дезинформации во справувањето со дезинформациите. Знаете, кога емоцијата ќе стапи на сцена ние често велиме го губиме разумот. Да, веќе логичкото заклучување ќе биде второстепено и може да биде проблематично во тоа колку можеме да препознаеме некоја вест.

Како втора бариера е општо познато дека доколку не ја познаваме темата, недоволното знаење за некоја област навистина може да влијае на нашето препознавање дезинформација. Ако јас едноставно не сум, немам никакви познавања за некоја вест можам лесно да бидам заведена. Знаете, немам никакви познавања, ќе голтнам дезинформација мислејќи дека е вистина. Недоволната желба и недоволниот интерес за некоја тема исто може да биде причина за да не ги препознаваме дезинформациите. Тие се тие пречки во процесот. И многу битно е индивидуата кога ја слуша веста и кога ги прима информациите да е свесна за бариерите. Кога е свесна се вели бариерата престанува да биде бариера, кога јас сум свесна дека емоцијата може да ми влијае на препознавањето дезинформација веќе имам однос кон тоа, веќе нема така автоматски да ја голтнам информацијата односно дезинформацијата.

Сега тука се надоврзувам под писменост на вести подразбирате три категории – потреба од спознавање, терминот локус на контрола во однос на медиумите, како и знаење за медиумите, нивната структура и нивното функционирање. Потреба од спознавање тоа е природна човечка потреба, меѓутоа дали ќе може ли да го појасните локусот на контрола во однос на медиумите, кој изгледа како стручен термин?

- Да, малку е пооневообичаен. Прво да кажам дека тој конструкт ни е преземен од веќе направени истражувања, кој се докажал дека навистина постои, дека писменоста за вести е составена од овие три аспекти. Првата ја спомнавте потребата за спознание. Таа е една, можеби таа е полесна за сите да ја разберат дека тоа е една потреба да луѓето да бидат вклучени во мисловна активност, да сме интелектуално љубопитни итн. Овој локус на контрола е прилично невообичаен, психолошки конструкт и значи колку ние сметаме, општо зборувам, не само за локус на контрола во однос на медиуми, зборувам за локус на контрола којшто може да биде внатрешен и надворешен. Значи, тоа е нашиот став колку сметаме дека нашето однесување, нашето поведение е одредено од надвор, од надворешни фактори или колку зависи од нас самите. Сега моментално се поклопи, моментално Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања правеше европско истражување во кое што се потврди дека ние имаме доста надворешен локус на контрола, како народ, дека нас не мотивираат парите, почитта од другите, тоа се нашите вредностите. Значи, ние имаме прилично надворешен локус на контрола, којшто е прилично лош за една демократски развиена личност, индивидуа, а овде го меревме локусот на контрола во однос на медиумите. Значи, колку сметаме дека медиумите не контролираат нас или ние ги контролираме медиумите, колку сметам дека од мене зависи колку ќе бидам информирана, односно дезинформирана или едноставно имам став дека не можам ништо да направам, тоа е, јас сум во рацете на медиумите, тие можат да играат со мене како сакаат, можат да ја ми пласираат секоја информација немам никаква контрола. Така што, тоа е еден интересен аспект.

Какви сознанија добивте во однос на таа контрола? Тоа е внатрешна контрола на поединецот колку всушност медиумот му влијае или не му влијае?

- Во однос на баш тој локус на контрола, колку јас мислам дека од мене ќе зависи колку ќе бидам или информирана или дезинформирана. Бидејќи има луѓе велат: „јас не можам ништо да направам, едноставно ме лажат медиумите што можам јас да направам – ништо“. Интересен е тој еден блок на прашања, сет од шест прашања. Студентите и пензионерите имаат некој просечен локус на контрола, би се рекло некаде сме на половината. Меѓутоа, интересно е едно од тие шест тврдења во кое што сме исклучително ниско и студентите и пензионерите, а тоа е дека не ја преземаме одговорноста. Прашањето гласаше: „Доколку сте вие погрешно информирани дали сметате дека вие сте одговорни?“. Апсолутно тука имаме и кај пензионерите и кај студентите став дека ние не сме одговорни ако сме дезинформирани, што исто зборува за еден надворешен локус дека ние немаме сила да се одбраниме во однос на медиумите и на дезинформациите, што е прилично лоша основа, што не значи дека тоа не може да се поправи и да се вежба и да се развиваат вештини во однос на тоа.

Разгледувајќи го истражувањето мене лично загрижувачки ми изгледа податокот во однос на непознавањето на структурата и функционирањето на медиумите. Ми остави впечаток на пример дека над 85 отсто од испитаниците студенти не знаат дека на новинарите во земјава не им треба лиценца за да работат или на пример, дури 94 отсто не знаат кој ги пишува соопштенијата за медиуми. Имаше тука и ред други прашања, сега да не ги напоменувам сите. Слична е состојбата и кај пензионерите во однос на структура на медиуми, сопственост на медиуми, објективност на медиум...на што се должи ваквото непознавање за функционирањето на медиумите, колку во образовниот систем се изучуваат медиумите и како да очекуваме медиумска писменост кога имаме да речеме во ова истражување основно непознавање на оние кои ги емитуваат вестите?

- Деновиве ме искритикуваа дека многу го критикувам образованието, ама еве прост факт. Ако студент втора година, дури и на студии односи со јавност има толку малку познавања за медиуми што можеме да заклучиме за нашето основно образование и за нашето средно образование, така? Не велам дека ова се информации, пак ќе го спомнам тој репрезентативен примерок, можеби не можеме големи генерализации да донесуваме, меѓутоа насоката е таа. Ние сме прилично неинформирани како функционираат и што се медиумите и медиумските системи, какво влијание имаат врз луѓето. Еве, едноставно не знаат во однос на лиценцата, не знаат буквално кој пишува соопштение. Единствено што познаваат, што најголем број препознаваат е дека главниот и одговорниот уредник има најмногу влијание како некоја вест ќе биде презентирана. Единствено само тоа од тој сет од 13 прашања, така што дефинитивно образованието е би кажала одговорно. Да, како агенс на социјализација тука е и семејството, меѓутоа образованието е главното од кое што ние можеме да ги едуцираме нашите млади за тоа како функционираат медиумите. Интересно беше што кај нас и пензионерите, повозрасните дури имаа и пониски познавања во однос на младите за тоа како функционираат медиумите, што исто за мене е запрепастувачки. Значи, не е нешто ново. Ние со години во нашето образование не информираме, можеби, или некој вели недоволно се зборува како функционираат медиумите. Некој вели – да, доволно е можеби не на начин којшто е потребен, но дефинитивно проблемот е – кој друг е одговорен за тоа колку ние ќе знаеме за информациите. Видете, тука и медиумите се многу важни, нели како тие известуваат, колку тие се промовираат како некој на којшто можеме да му веруваме и тука има и тоа е нешто, зависи од вас да кажам колку луѓето ќе бидат познаени, на пример, колку вие кажувате на јавноста како функционирате, вашите проблеми, начинот на којшто се пишува вест. Дефинитивно прво образование, а потоа и медиумските системи.

Значи еден заеднички процес.

- Да, така е.

Каков е генерално индексот за писменост на вести? Какви резултати добивте?

- Индексот за вести го сметавме како индекс составен од тие три компоненти – потреба за сознание, локус на контрола и знаења за медиуми. И студентите и пензионерите имаа нешто малку натпросечен индекс за писменост за вести. Значи, тоа не е за медиумска писменост, туку индекс за писменост за вести, кој што е нешто малку над просек, којшто зборува за една добра основа, сега зборувам бидејќи генерално, сепак имате луѓе коишто се повеќе писмени за вести и помалку писмени, меѓутоа не е нешто многу лошо. Би рекла дека ние ја имаме основата, имаме некоја средна потреба за сознание, таа интелектуална љубопитност малку е повеќе развиена кај студентите, некој среден натпросечен локус на контрола, многу ни е ниско знаењето за медиумите, меѓутоа тој некој индекс е просечен, што значи дека имаме некоја – не велам дека е одлична, ама некоја добра основа за да бидеме медиумски писмени, ама нешто друго недостасува секако.

Колку од испитаниците претходно биле вклучени во обуки за медиуми, за дигитална писменост и каква е генерално мотивацијата да се вклучат во такви активности?

- Не можеме да кажеме, да заклучуваме и да кажеме колку луѓето биле вклучени во медиумска писменост, бидејќи ние кога го правевме примерокот и кога повикувавме на истражување се надевам дека учество земаа најголем број луѓе што веќе имале некаков си допир можеби со медиумска и дигитална писменост, во истражувањето учеството беше доброволно и верувам дека токму тие, голем дел и се пријавија да учествуваат во ова истражување, така што е прилично голем – 20 и нешто проценти дека учествувале во медиумска писменост, но тоа не значи дека можеме да кажеме така е во однос на цела популација. Во однос на мотивацијата за обука мислам дека тој податок беше највисок во смисла дека покажуваме интерес, и пензионерите и студентите прилично се мотивирани да дознаат да научат што се дезинформации, како функционираат, што би рекла добра повторна основа за учење за медиумска писменост и писменост за вести.

Во истражувањето вклучивте и мерење на познавање на одредени актуелни теми во општеството како показател за медиумската писменост. Забележливо тука е ниското ниво на знаење за теми поврзани со Европската Унија и кај пензионерите и кај студентите, одговорено е речиси неточно на сите прашања. Во однос на климатските промени ситуацијата е малку поинаква, но и тука не е ветувачка. На што се должат ваквите состојби?

- Прво, се должи на таа да кажам низок или просечен скор на медиумска писменост. Не сме медиумски писмени, а тоа повлекува и прилична неинформираност за темите. Не би ги исклучила и случувањата, општествено-политичките случувања во државата коишто можеби, сега си давам за право нели да дискутирам на оваа тема, не се проверени, не е тоа докажано нешто, меѓутоа можеби придонесува за некаков отпор за следење за теми за ЕУ, со сите нели нови случувања, што ни се случија во однос на нашиот влез во ЕУ. Климатските промени се можеби нешто за кое имаат малку повеќе познавања, малку подобри резултати, но не се тоа големи познавања, меѓутоа испитаниците повеќе сакаа да одговараат на нив, а имаа дури отпор и кога ги поставувавме прашањата за ЕУ, се чувствуваше дека не сакаат, дури и дека немаат желба да одговараат. Значи, освен општествено-политичката ситуација медиумската писменост претпоставувам дека повторно е и до, јас секогаш малку го давам тоа во однос на медиумите колку успеваат да ја направат таа важна тема, знаете како речиси никој не знаеше што е тоа ФРОНТЕКС, на пример некој не знае што е тоа процес на скринингот, не знаеме што е скрининг едноставно тоа се општи теми. Можеби медиумите не успеале на некој доволно интересен начин, тоа да им го прикажат особено на младите. Така што има повеќе фактори, не можеме да кажеме дека само еден е одговорен. Веројатно има повеќе чинители, ама дефинитивно е показател дека треба да се работи на тоа бидејќи добро информирана медиумски писмена личност значи добро информирана личност, а добро информирана личност која што има познавања од разни аспекти на општественото актуелно живеење, важни теми за нашата држава значи одговорен граѓанин, активен граѓанин.

Во текот на истражувањето спроведовте вежба за препознавање на дезинформации. Ќе може ли да ми го опишете процесот, колку карактеристики требаше да препознаат испитаниците? Каква беше ситуацијата? Колку се способни да препознаат дезинформации?

- Исто и тука би кажала дека сме први, тука сме можеби први во начинот на којшто што ја мериме таа умешност за препознавање дезинформации. По теркот на Би-Би-Си изработивме три интернет вести коишто се лажни и во секоја вест имаше по девет знаци за дезинформации. Тоа е пренагласување на употреба на емотивно оптоварени зборови, истакнување со капс лок – пишување со големи букви, извичници на крај... Значи, сите оние што ги создаваат и креираат дезинформациите точно знаат да ги употребат овие моменти. И би кажала дека препознавањето на дезинформациите е ужасно. Значи, ужасно и за студентите и за пензионерите. Пензионерите па најголем број не препознаваа ниту еден знак за дезинформација во вестите. Интересно е тоа направивме три тема. Едната тема беше образование, другата за ЕУ, за европските интеграции на Република Македонија и третата тема беше за климатските промени. Се покажа дека темата не е важна. Ако испитаникот, ако индивидуата знае да препознае знак за дезинформација во една вест ќе ја препознае во друга вест, значи темата сама по себе не врши улога. Значи, ако сме едноставно умешни да препознаеме дезинформации ќе ги препознаваме и на разни теми.

Значи, потребни се обуки кај граѓаните на различни нивоа.

- Така е.

Ги споменавте емоциите. Тие се главен таргет, еден од главните таргети на дезинформациите. Некаде во истражувањето ја споменавте и емоционалната писменост. Значи, говориме за медиумска, меѓутоа сега имаме и емоционална писменост. Што подразбирате под овој термин и како граѓаните емоционално да се описменат?

- Емоционална писменост е исто поим и конструкт што се изучува многу одамна во психологијата. Дури се вели дека за успешен живот дека е многу поважна емоционалната писменост од онаа интелигенција, интелектуална писменост. Зошто? Затоа што кога сме, емотивен човек, емотивно зрел човек подразбира дека е свесен за сопствените емоции, свесен за во какви емотивни состојби се наоѓа, свесен какви емотивни состојби предизвикува кај другиот. Тоа е една емпатична индивидуа, бидејќи точно знае како оди размената на информации бидејќи доколку за тоа не сме свесни, значи доколку не сме свесни во какви емотивни состојби се наоѓаме еве особено за медиумите ако зборуваме за емотивна писменост во рамки на медиумите и во рамки на тие информации и дезинформации многу е важно да препознаеме која емоција ни е предизвикана од некоја вест, што можам јас да направам, да сум свесна дека сум можеби исплашена па ги слушам поинаку вестите, да знам дека ова можеби од толку што ми е радосна веста можеби ќе бидам лесно заведена за да верувам. Значи, таа емотивна писменост, не познавам истражувања во нашата држава, за тоа колку сме ние емоционално писмени. Можеби има, не знам, не сум се консултирала, меѓутоа во однос на ова се покажа дека ние, овде имавте прашања колку сметате дека емоциите се важни во препознавањето дезинформација, најголем број на испитаници знаат дека емоциите се важни, меѓутоа тоа се уште не значи дека ги препознаваа емоциите.

Затоа, напоредно со развивање на медиумската писменост мора да иде и развивање на таа емоционална писменост. Дури би рекла да се почне со новинарите затоа што тие се тие коишто ајде да кажеме ги креираат вестите, па потоа имаме читатели, па некој што ги споделува итн. Меѓутоа, мислам дека треба да се почне во овој аспект со медиумите луѓето што работат во медиумите, тоа еве го се надеваме дека во идниот период ќе го правиме со мојата колешка. Кога самите новинари би се обучиле. Само да спомнам една мала дигресија.

Имавме истражување пред две години, година и пол, на Правниот факултет – на Студиите за новинарство за тоа колку во студиите на новинарство е застапена таа емоционална писменост или писменост за траума. Знаете, новинарите учествуваат, известуваат за трауми, а едноставно не се обучени што е траума, како да се носат со сопствената траума, како да се носат со траумата на соговорникот итн. Значи, поразителни беа информациите дека во силабусите, во наставните програми на факултетите, особено за новинарство апсолутно нема ништо за оваа емотивна писменост или писменост за траума. Така што, да од таму треба да се почне според мене со обука на новинарите, а потоа малку и на пошироката популација. Јас верувам дека ова е работа и дека голем дел од стручните служби во основното образование и во средното образование работат на таа емоционална писменост, бидејќи тоа е дел од развојот на детето. Колку успешно се прави не би можела баш да кажам со сигурност.

Во текот на истражувањето креиравте две групи и кај студентите и кај пензионерите. Значи, група со повисока медиумска писменост и група со пониска. Што значат тие групи, по што се разликуваат?

- Медиумски писмен човек е прво човек писмен за вести, првично како главен аспект. Писмен за вести значи човек којшто сака да размислува, информациите кои ќе дојдат до него не ги прима автоматски, ги анализира, има еден активен пристап. Го спомнавме тој локус на контрола, медиумски писмен човек верува дека може да се справи со информациите, верува дека може да ги контролира информациите што стигнуваат до него, може да стигнуваат безброј, меѓутоа тој одлучува што ќе провери, што ќе го смета за информација и за дезинформација, има прилично големи познавања како функционираат медиумите и кое е нивното влијание на нас како граѓани.

Потоа е човек којшто има внатрешна мотивација за вести, да следи вести, сака да следи вести заради сопствено добро не оти затоа што така треба или некој едноставно мора, сака да следи вести, смета дека е тоа за негово добро, следењето вести значи дека ќе биде информиран, ќе донесува правилни одлуки. Медиумски писмен човек е и човек којшто сака да се едуцира за дезинформации, значи таа тема му е важна, ќе сака да знае во каков свет живее, што значи дезинформацијата, какво влијание има дезинформацијата. Значи, ја има и таа активациска компонента да се приклучи за некаков вид на едукација, сака да учи. Едноставно тоа се луѓе коишто сакаат да учат.

Во текот на истражувањето имавте и една фокус група, освен пензионерите и студентите, ранлива категорија на граѓани. Ќе може ли да ни кажете тука сега накусо за каква група станува збор и до какви сознанија дојдовте?

- Да, уште во почетокот одвоивме три групи ранливи категории на коишто рековме дека во овој момент првично ќе работиме. Тоа беа студентите, пензионерите и рековме да најдеме уште една група која што ќе бидат особено ранливи во однос и на примањата итн. Тешко одеше наоѓањето на ваква категорија, навистина многу тешко. На крај успеавме да најдеме една категорија на жени Ромки коишто се без речиси никакво образование. Не бевме во можност да го дадеме прашалникот како што го задававме за студентите и за пензионерите, бидејќи едноставно најголем број од нив, околу 80 отсто не беа писмени. Се обидовме да направиме една фокус група и да ги поставиме прашањата, да ги прашаме каква е нивната мотивација, еве во однос на дезинформациите, како функционираат медиумите, низ еден разговор да се обидеме да дознаеме каков е нивниот став во однос на ова.

Морам да кажам дека станува збор за група која што има многу малку познавања за медиумите, многу малку следат медиуми во суштина, многу малку следат интернет вести. Сега колку е тоа добро, да дезинформациите најмногу се шират на интернет вестите, меѓутоа воопшто непознавањето на поимот дезинформација, нели што значи лажна вест, неправењето разлика што е лажно што е вистинита вест е исто голем проблем, така што и во извештајот напишавме дека таму треба да се работи на неколку чекори. Знаете како прво да се описменат, да знаат како функционираат медиумите, да почнат и да следат медиуми затоа што кај нив се уште функционира веста која се пренесува од човек на човек. Многу интересно кажуваа, многу искрено кажуваа дека за се што ги интересира дека ќе си излезат на улицата и ќе си ги слушнат информациите. Значи, многу малку се информираат од медиуми. Едноставно немаат однос кон тоа што се дезинформации, што можат да им направат итн. Има пред фази сакам да кажам, доколку сакаме да работиме и треба да работиме секако и со оваа ранлива категорија ќе треба да следат малку.

Како заклучок од разговорот, кои се психолошките и социолошките фактори кои влијаат врз медиумската писменост и дали медиумската писменост може успешно да се измери?

- Ај ќе почнам од ова второво. Значи, ние се обидовме да мериме. Никако не смееме да застанеме тука. Некои одредени насоки веќе ни се покажаа. Апсолутно сите овие аспекти што мислевме дека влијаат се покажаа дека влијаат. Во науката ние многу сакаме се да измериме, некогаш некои работи колку се мерливи и колку сме далеку од вистината не знам, меѓутоа се обидуваме и не треба да застанеме тука. Ова е само едно првично истражување, меѓутоа дефинитивно можеме да кажеме дека можеме да ја измериме донекаде медиумската писменост или некои аспекти на медиумската писменост.

Во однос на психолошките фактори е токму она што го дискутиравме. Локус на контрола, тие се сите психолошки димензии, емоционалната писменост, значи ако досега се мислеше па и во истражувањата што ги следам медиумската писменост беше прилично на едно когнитивно ниво, колку ние знаеме за нешто, колку знаеме што е вест, колку знаеме како се прави еден прилог. Да, мислам дека тоа веќе ни покажа дека не можеме само така да ја разбираме медиумската писменост, тоа е еден малку поширок конструкт, психолошките фактори и тоа како се важни, критичкото мислење ова што го зборувам, не е автоматски процесирање, желба да се анализираат работите, не можеме ние така автоматски да ги примаме работите.

Значи, таа една психолошка димензија, психолошките аспекти апсолутно мора да се имаат предвид, а во однос на социолошките нас некои насоки ни се покажаа во однос на урбана - рурална средина, во однос на процес на образование, меѓутоа за да донесеме заклучоци навистина ќе треба едно малку поголемо истражување со поголем примерок за да можеме да кажеме кои одредени социолошки фактори влијаат, а насоките се тие. Живеењето во урбана - рурална средина ни се покажа дека влијае и кај пензионерите и кај студентите, степенот на образование сигурно. Знаете сега ние ги земавме студентите и пензионерите, меѓутоа не ја земавме токму онаа најголемата категорија на луѓе, ги земавме како најранливи категории, но треба да видиме и луѓе со различно ниво на образование како тие стојат во однос на оваа медиумска писменост.

Ана Цветковска