Близу две децении Живко Мукаетов е на чело на скопски „Алкалоид“. Бројни беа предизвицитe за време на близу 90-годишното постоење на компанијата, вели Мукаетов, но едно е константа – инвестициите. „Алкалоид“ денес има повеќе од 2000 вработени, од кои 600 надвор од границите на Северна Македонија. Со инвестиции поголеми од 104 милиони евра во последните пет години, Коморскиот инвестициски форум на Западен Балкан ја прогласи оваа компанија за водечки инвеститор во регионот. Мукаетов е претседател на Ракометната федерација на Македонија и голем покровител на спортот.

Г. Мукаетов, Ви благодарам што зборувате за Al Jazeera и Ви благодарам што нѐ примивте во Вашиот дом. „Алкалоид“ наскоро ќе слави 90 години. Помина промени на неколку општествени системи и сѐ уште важи за една од најуспешните компании на ова поднебје, а и пошироко во регионот. Како „Алкалоид“ успеа да стане национален, но и регионален фармацевтски гигант?

Ви благодарам за поканата. Големо задоволство е да се гостува на телевизијата Al Jazeera. „Алкалоид“ е компанија која веќе 87 години функционира. Поминала низ разни општествени системи и морам да признаам дека сум многу горд што сум дел од оваа компанија. Успехот на „Алкалоид“ се должи, пред сѐ, на квалитетот на луѓето кои работат во компанијата. Зборуваме за над 2.600 вработени, семејства, кои се дел од нашата компанија, едно големо семејство. Се должи, секако, на квалитетот на производите; се должи на она што значи брендот „Алкалоид“, на она што значат брендовите кои „Алкалоид“ ги има и кои се нашироко познати, дали се тоа „Кафетин“, „Бекутан“, „Панцеф“, Good Nature и многу други, така што сето тоа има свое влијание на она што значи континуиран развој на компанијата. Тука би сакал да истакнам дека квалитетот секогаш ни е на прво место. И тоа е многу важно за една компанија во континуитет да може да гради еден позитивен имиџ за себе и за своите производи. Исто, за мене е многу важно што компанијата за сите овие години успеа да покаже една резилиентност и да покаже една способност за адаптација кон новите ситуации кои се случуваат онаму каде што е присутна.

Дали е тоа тајната на долговечноста кога ќе се спореди со многуте фирми на Балканот и на поранешните југословенски простори кои беа успешни и звучни имиња, меѓутоа повеќе не постојат?

Тајната е нешто што ние си го знаеме, така да кажам. Факт е дека тоа е еден сплет, како што кажав, на посветеност, тимска работа, сакање на компанијата, лојалност. И, од друга страна, континуирано инвестирање во едукацијата на вработените кои растат со компанијата, каде што тоа оди двонасочно. Од една страна, менаџментот се труди да води грижа колку може за своите вработени, а, од друга страна, вработените посветено даваат придонос една компанија да се развива како што треба.

Вие исто, лично, имате еден интересен пат низ компанијата. Може ли накратко да ни објасните како изгледаше вашиот личен развој во текот на вашиот работен век во „Алкалоид“?

Мојот личен развој. Откако завршив Машински факултет тука во Скопје и постдипломски студии по маркетинг во Лондон, се вратив назад. Прво работев како, да кажеме, дел од екипата во тогашна Пропаганда, така се викаше службата. Започнав во септември 1999 година. Па потоа преку проширување на активностите во делот на маркетингот во тоа време, па преку вклучување во делот на маркетингот и на продажбата во сегментот фармација, кој е најголемиот сегмент во рамките на работењето на компанијата, па преку добивањето одговорност да го водам профитниот центар Фармација, кој, како што кажав, е многу битен сегмент, па до тоа во 2005 година веќе да бидам ангажиран на ниво на целата компанија. Во 2006 година бев назначен за генерален директор, а во 2007, кога, за жал, почина мојот татко Трајче Мукаетов, кој пред тоа ја водеше компанијата од 1985 година, станав и претседател на Управниот одбор.

Интересни податоци беа објавени за „Алкалоид“ за минатата година. Рекорден извоз од над 157 милиони евра. Но она што посебно се истакна во тие статистики и бројки се удвојувањето на продажбата, на пример, во Полска, зголемувањето на продажбата во Романија, ако не се лажам за речиси 80 %, па дури и растот на продажбата во САД. На што се должи овој биланс конкретно за минатата година?

Прво јас би сакал да истакнам дека ние сме посебно горди што од 2005 година, па наваму секоја година компанијата расте во однос на годината претходно. Компанијата има пораснато некаде за 4 и пол пати во последните 17 години. Се должи, како што кажав, пред сѐ, на градењето едно портфолио на производи, развој на производи кои имаат додадена вредност, производи кои можат да се диференцираат од конкуренцијата врз база на својот квалитет, својата препознатливост и својата компетитивност онаму каде што ги продаваме. Но за да се постигне сето тоа, пак сѐ се сведува на квалитетот на она што го работат луѓето, на квалитетот на нашите кадри, кои без комплекси можат да се носат со која било конкурентска компанија каде било во светот.

Еве за Полска конкретно. Има ли некаква тајна?

За Полска тајната е што тоа е еден од најбрзорастечките пазари. Тоа е пазар кој, да кажам, нѐ прифаќа лесно и ние градиме портфолио кое може да се носи со предизвиците на тој пазар. Сметам дека Полска и Романија се можеби, во овој момент, најинтересните брзорастечки пазари од аспект на фармацевтската индустрија во Европа.

Како ве гледаат во САД? Вие сте компанија од една мала земја на Балканот. Можеби во Америка и не знаат од која држава. Како се гледа на компанијата и на вашите производи?

Па во Америка нѐ гледаат како европска држава и како европски производител. Интересно е што во Америка мислам дека довербата полесно може да се изгради отколку во Европската Унија, затоа што таму е важно да имате квалитетен производ, важно е тој производ да биде уникатен. На пример, ние сме таму најмногу присутни со органските чаеви и со чаевите од типот на безглутенски состојки во нив. И тука треба да барате некоја уникатност за да се диференцираат од останатите. Но факт е дека во Америка нѐ доживуваат како европски производител и тоа ни дава предност. Посебно што со оние партнери со кои сме почнале да работиме и со кои традиционално долги години работиме имаме една меѓусебна доверба и јас искрено сум многу задоволен од тоа како ние се развиваме на американскиот пазар. Но тука не застануваме. Нашата амбиција е и во сегментот на фармацијата да се позиционираме на американскиот пазар, нешто што досега сѐ уште не ни успеало, но јас сум убеден дека со капацитетот кој го имаме, со квалитетот на нашите луѓе и со портфолиото на производи кои доаѓаат ќе можеме да се позиционираме и во САД.

Последните неколку години се случија големи потреси во светот. Пред сѐ пандемијата со КОВИД 19, а сега и војната во Украина. Како сево ова влијаеше врз работењето на „Алкалоид“?

Сметам дека тука повторно покажавме дека се адаптираме брзо на ситуациите. Многу оперативен менаџмент, посебно на почеток кога се појави КОВИД-кризата. Ние бевме принудени дури, од една страна, каналите на обезбедување суровини да ги обезбедиме одново, затоа што дел од европските земји забранија нивните производители на суровини да ни продаваат во тоа време суровини, за ние да можеме да произведуваме дезинфициенси и други производи кои беа врзани за потребата во тој момент. Мислам дека се направи една здрава мобилизација, оперативен менаџмент, секој ден во рамките на компанијата. Дури и успеавме да преадаптираме дел од машините кои во тоа време правеа парфеми и креми за да може да произведеме поголема количина на дезинфициенси. Сметам дека апсолутно одговоривме на предизвикот како што требаше. Посебно важно во тоа време беше на нашето население да му ги обезбедиме тие производи.

Г. Мукаетов, за инвестирани нешто повеќе од 104 милиони евра Коморскиот инвестициски форум на Западен Балкан неодамна Ве прогласи за водечки инвеститор во регионот. Какви ресурси има овој регион, регионот на Западен Балкан, кои ги користите во вашата работа?

Прво би сакал да кажам дека за нас е огромна чест да се добие една таква награда. Мислам дека е апсолутно заслужено затоа што компанијата е влезена во еден сериозен инвестициски циклус во многу сегменти од работењето. Дали се тоа нашите производни капацитети, дали новите технологии, дали е тоа истражување и развој, дали е тоа магацинскиот простор, значи во разни сегмент од работењето, и сметам дека тоа треба да биде поттик и за другите компании континуирано да инвестираат. Околу самиот регион, јас искрено регионот го доживувам како домашен пазар. Сметам дека регионот културолошки е многу сличен. Ние сме многу блиски со сите луѓе во регионот. Од друга страна, факт е дека во регионот има многу простор за градење синергија. Ние, на пример, имаме конкурентски компании кои ни се партнери во одредени проекти во Хрватска, во Босна и Херцеговина и во Србија. Од друга страна, регионот го доживуваме и како една можност за натамошно развивање на самата компанија. Така, на пример, ние инвестиравме во производство на фармацевтски производи во Србија, инвестиравме во хемиска лабараторија во Љубљана. Нашата, да кажеме, Служба за правни корпоративни работи е стационирана во Загреб, што значи дека направивме една фузија од можностите на регионот.

Она што е огромен проблем е и масовното иселување на младите. Како овој одлив на мозоци ве погодува како фирма, како „Алкалоид“, и што треба да се направи за да се сопре овој тренд?

Искрено да ви кажам дека ако разговаравме пред 10 години, јас ќе ви кажев дека најголем предизвик за „Алкалоид“ се продажбите. Денеска со полна одговорност тврдам дека најголем предизвик за нас е како да ги задржиме квалитетните луѓе тука, во компанијата, како да ги мотивираме, што сѐ треба да направиме за она што е визија за раст на „Алкалоид“ како компанија да може да се следи со квалитетни кадри. Ние влеговме во доста проекти од типот на дуално образование со Средното медицинско и Програмата за практикантство со факултетите, каде што над 100 факултетлии доаѓаат во компанијата и работат со ментори за по завршувањето на факултетот да работат во компанијата. Секоја година правиме анализа на задоволството на вработените со разни додатни програми за да ги мотивираме, затоа што на младите луѓе веќе не им се важни само парите. Ние зборуваме за квалитетот на живот, зборуваме за квалитетот на воздухот, зборуваме за содржината која тие ќе ја имаат надвор од она што го доживуваат на работното место. Значи многу фактори. Ние треба да сме свесни дека не се сведува се само на она што им го нудиме ние како компанија на нашите вработени, туку каков е целиот пакет.

Ќе ве прашам конкретно за ракометот. Дали во моментов се случува промена на генерација на ракометната сцена или, поточно, очекувате ли дека новата генерација која сега влегува во ракометот може да ги направи истите успеси како генерацијата која сега полека си заминува?

Јас, доколку не би верувал во тоа, не би се ни занимавал со тоа, така што апсолутно сум убеден дека ако ние им дадеме поддршка како што треба, ако се организираме како што треба, има здрав материјал, има многу млади, квалитетни ракометари кои доаѓаат и доколку им се овозможат вистинските услови за развој, им се даде шанса, сметам дека апсолутно ќе го обелат образот и дека на долг рок македонскиот ракомет ќе продолжи да биде спорт број еден и во континуитет ќе носи резултати од европските и од светските првенства и ќе имаме ние за кого да навиваме.

Што се однесува до фармацијата, каде ја гледате иднината со оглед на развојот на вештачката интелигенција?

Па вештачката интелигенција доаѓа по разни основи. Но јас би кажал дека колку вештачката интелигенција и да доаѓа секогаш приматот треба да го имаат луѓето. Треба да го има човекот. Сметам дека сите овие предизвици низ кои поминавме уште повеќе покажаа колку е важен човекот, колку се важни кадрите и дека ништо не може да се направи доколку немате квалитетни луѓе со добри вредности, посветени, кои си ја сакаат својата работа, така што, да, вештачката интелигенција доаѓа. Да, имаме разни форми на персонализирани фармацевтски форми кои ќе доаѓаат во иднина, но луѓето се клучни за сѐ.

Г. Мукаетов, за крај, како го поминувате слободното време? Што ве исполнува приватно? Имате ли време за слободни активности, за читање, за спорт?

Мене најмногу ме исполнува моето семејство. Многу сум среќен што сме едно пошироко семејство, сопругата, децата, и сето останато врзано со активностите, дружењето со нив, одењето некаде да се искористи викендот колку може. Инаку се трудам да најдам малку време и за трчање, што мислам дека ме релаксира. И, секако, следејќи ги посебно ракометните натпревари, тука знае енергијата да излезе.