„Демонот од Дебар Маало“ од Горан Стефановски утревчечер премиерно ќе се игра на сцената на Народниот театар-Штип.

Режијата е на Наташа Поплавска, која за процесот на работа вели дека ќе го памети како најубав во нејзината кариера. Таа се надева дека претставата ќе го полни театарот во Штип.

-Исклучително убав процес имавме со целата екипа, ансамблот е прекрасен, има талентирани актери со коишто овој театар допрва ќе расте и ќе ги освојува публиката и регионот. Капацитетот на ансамблот покажува интерес за кршење, за рушење на границите, поставување на нови стандарди, нови театарски естетики, рече Поплавска.

Актерот Пеце Ристески ќе настапи во улога на берберот Коце. За ликот вели дека за едните станува Херојот, за другите Демонот од Дебар Маало.

Тој и останатите актери се задоволни од целиот процес на работа. На денешната прес-конференција ја поканија публика да дојде и да го види делото на Стефановски на сцена.

-Приказна за еден бивш човек во една бивша држава со бившо минато и бивша иднина. Навистина, имавме еден интересен процес со позитивна енергија, за прилично кратко време ја направивме оваа претстава, истакна Ристевски.

-Целиот процес одеше со некоја леснотија, сцените брзо се поставуваа и мислам дека направивме нешто што ќе се игра долго на нашата сцена, додаде актерката Марија Минчева-Андонов.

Актерот, Владимир Тулиев истакна дека кога ќе се прочита делото на Стефановски и кога ќе се изгледа претставата, маалото може да биде насекаде во земјава.

Претставата е четврта премиера годинава во штипскиот театар и со ова се завршува полусезоната. Премиерата е утревечер, но репризните изданија ќе може да се видат дури наесен.

-Она што сакам е прво да се заблагодарам на сите вработени, сите актери, па и на оваа прекрасна личност, пред сѐ, а потоа и режисерка, којашто имаше прекрасен процес во работата на оваа претстава. Под овие жешки услови коишто нѐ фатија сите смогнавме сили да го завршиме овој проект, да не го префрлиме за во септември, рече директорот на НУЦК „Ацо Шопов“-Штип, Горан Трајков.

Претставата е поддржана од Министерството за култура и е втора од ваков тип, бидејќи првите две беа самофинансирачки од Центарот за култура „Ацо Шопов“. До крајот на годинава се очекува да има вкупно седум премиери во Народниот театар-Штип.

Во претставата улогите ги играат: Пеце Ристески, Марија Минчова Андонова, Стефанија Митовска, Даријан Петров, Владимир Тулиев, Миле Вратеовски, Ефтим Трајчев, Анѓелка Нашкова, Елена Шорова Дербова, Раде Рогожарев, Валентина Ѓоргиевска и кучето Луна.

Музички соработник е Ристо Вртев, видеоанимации - Емил Петро-Артериа, сценски движења - Ирена Лозински и драматург е Габриела Коцева Тулиева.