- Кореодрамата „Лекција“, во режија на Ѓорѓи Ризески, а под кореографската палка на штипјанецот Бојан Мицев утревечер премиерно ќе се одигра на сцената Народен театар Штип (НТШ).

-Станува збор за претстава која е креирана по делото на реномираниот автор Ежен Јонеско, а е светол пример за трендовите што го обликуваат театарскиот пејзаж денес. Спојот на танцот, театарот, музиката, кој целиот тим го има подготвено на театарската сцена поттикнува иновативност и креативност, вели кореографот Мицев.

Поради неговото отсуство, а во негово име, на денешната прес-конференција зборуваше директорот, Горан Трајков.

-Би сакал неколку зборови да кажам во името на Бојан. Во претставата „Лекција“ посебен акцент е ставен на физичкиот театар, кореографијата и сценското движење, издигнувајќи ја физичката изведба на ново ниво. За време на креативниот процес заедно се впуштивме во истражување на физичката способност на актерите, како и утврдување на вистинскиот квалитет на движење што го доловува и надополнува нивниот карактер, состојба и емоција, рече Трајков, пренесувајќи ја благодарноста од кореографот Мицев.

Ликот на професорот го игра Ефтим Трајчов Ѓаурски, ученичката ја игра Димитрина Мицкоска Трајкоска, а актерот Милорад Ангелов е во улогата на слугинката. Ангелов рече дека целиот тим бил посветен во текот на процесот кој резултирал со вакво дело. Посочи оти се надева дека исто толку задоволна ќе биде и публиката.

-Мислам дека имавме одличен процес, еден апсурден театар полн смеа, полн предупредувања, полн критика кон глобалното општество. Имавме одличен процес заедно со режисерот, се надевам дека публиката утре ќе ја прифати претставата и ќе ужива во неа, рече Ангелов.

Премиерата на претставата е утревечер, а репризното издание е во четврток, и двете со почеток од 20:00 часот. Директорот Трајков посочи дека тимот работел вредно и напорно во текот на летниот период, па ја покани публиката да го види резултатот.

-Јас сакам само да се заблагодарам на сите актери, на сите чинители во претставата, на техниката, кои работеа во летните периоди кога сите бевме на годишен одмор, но оваа група на актери одлучија да останат да работат заедно со техниката, што значи еден исчекор, се жртвуваа во процесот во текот на летниот период и го составија ова дело, рече директорот Трајков.

Од оваа претстава ќе следат повеќе репризни изданија, а штипскиот Театар започнува со подготовка на уште една премиера. Во моментов се подготвуваат за гостувањата на Фестивалот „Ристо Шишков“ во Струмица и Денови на комедијата во Куманово.