Д-р Дамјан Донев од Институтот за национална историја во соработка со м-р Радомир Ивановиќ и Мартин Гиевски од Археолошкиот музеј и д-р Анита Василкова од Народниот музеј - Велес, во текот на минатата седмица изведоа геофизичко скенирање на просторот каде се претпоставува дека се наоѓаат некрополите на античката населба на локалитетот Видин Град, кај селото Водоврати, Градско.
Како што известуваат, проектот бил подржан од Министерството за култура во рамки на програмата за подршка на проекти од национален интерес во културата за 2023 година.
Тие нагласија дека со ова истражување се надополнуваат сознанијата за топографијата на оваа античка населба собрани во текот на последнава деценија и истакнаа дека постарите истражувачи овој локалитет го идентификувале со античкиот град Аргос во Пеонија, подоцна епископски центар во провинцијата Македонија Секунда.