Домашните компании, кои се високо етаблирани и кои на вработените им даваат високи плати имаат сериозен проблем со недостигот на квалификуван кадар. Причините не лежат само во компаниите, туку проблемот е системски, вели Иле Николов, член на Управниот одбор на Стопанската комора и сопственик на штипската компанија „Актива“, која е меѓу 200-те најуспешни македонски компании.

Според Николов, потребно е бизнис секторот и државата заедно да се борат младите да останат во земјава. Смета дека мора да има реформи и во делот на средното стручно образование.

- Мора многу посериозно да се работи во тој дел, главно во средното насоченото образование. Ние треба да планираме дека средното насочено образование ќе образува кадар за стопанството. Не треба ние да ги едуцираме учениците за да продолжат потоа во високото образование. Нас ни треба структура од работници. Тоа е многу важна работа. Порано 90 отсто од учениците после завршувањето на средното образование се етаблираа во фирмите и работеа во непосредното производство. Сега 90 отсто од учениците ние ги едуцираме за оние после да продолжат да завршат факултет и остануваат без работа затоа што се незадоволни од системот, па си бараат работа на друго место, а од друга страна останати се и испразнети работните места во стопанството, посочува Николов.

Во интервјуто тој појаснува дека за да ги задржат вработените им нудат низа поволности дисконтна цена при купување на станови и обезбедување на возила. Забележува дека недостигот на кадар го анулираат со машини и роботи, но и за нив, како што вели, е потребен квалификуван кадар.

Интервјуто со видео материјал го пренесуваме во целост:

Господине Николов, вашата фирма постои 24 години и е успешна приказна во штипското стопанство бидејќи се издвојува од онаа традиционална индустрија во Штип, а тоа е текстилната индустрија. Кажете ни кој е концептот на „Актива“? Знаеме дека работите на метални конструкции, ги градите фабриките во ТИР-зоните, меѓутоа што се друго работи „Актива“?

- Накратко јас само би кажал дека нашата компанија постои веќе 24 години, од коишто последните десеттина години доста успешно во делот на градежниот и производниот сектор. Како мала градежна компанија, основана во 1999 година, некаде до 2012 година работеше исклучиво со домашни инвеститори на мали индустриски и приватни објекти со сите фази вклучени од основното градежништво и останатите фази – инсталатерски фази. Меѓутоа, од 2011/2012 година со доаѓањето на првите посериозни странски инвеститори, „Актива“ се вклучи многу агресивно и многу одговорно во изработката на понудите и во изградбата на првите објекти што почнаа да се градат во ТИР-зоните во Македонија, како што е штипската ТИР-зона, Бунарџик и останатите зони во Македонија.

Успеавме во тој период, 2011/2012 година успешно да се избориме со нашата конкуренција во Македонија и да се наметнеме кај странските инвеститори како добра, сериозна, квалитетна компанија во делот на изградбата на тие индустриски објекти и првпат се сретнавме со сериозни странски инвеститори кои дојдоа во нашата земја да инвестираат, да градат свои сопствени фабрики и тоа се првите наши чекори во делот на интензивниот развој што започна некаде 2012/2013 година со изградбата на првите два објекта во штипската зона на „Џонсон контролс“ и вториот објект на белгиската компанија „Ван Хол“ за производство на автобуси во ТИР-зоната во Бунарџик во Скопје.

Тоа беа сериозни проекти за нас и успеавме 2013 година успешно да ги завршиме, што беше една отскочна даска за нас како компанија за да се развиваме и веќе гледано од денешно ниво да имаме во нашето портфолио околу 16 до 18 такви големи индустриски објекти направени во ТИР-зоните, буквално во сите ТИР-зони во Македонија. Тоа е едната страна каде што „Актива“ успешно се развиваше.

Втората страна, уште поуспешна приказна што ја имавме, е тоа што добрата соработка со странските компании во делот на изградбата, придонесе со некои од тие компании, а најмногу со белгиската компанија „Ван Хол“ да воспоставиме трајна соработка во делот на сериско производство на одредени сегменти – делови за нивните финални производи - автобусите. Тоа се конкретно шасијските делови и останати други дополнителни делови за автобусите. Така што во тој дел „Актива“ околу 2014 година многу успешно и сериозно се вклучи во таа работа, изгради сериозни сопствени капацитети. Се развивме доста и со машински парк. Така што и ден денес успешно соработуваме со белгиската компанија „Ван Хол“, а тоа ни овозможи да воспоставиме комуникација и со повеќе други светски компании за да го прошириме нашиот производствен капацитет и успешно да работиме. Имаме соработка со тие компании, како што е германската компанија, потоа американската компанија со која работиме финални производи, а тоа се колички за локален транспорт по аеродромите во целиот свет. Кога беше најтешко во периодот на короната, „Актива“ имаше сериозен развој во изградба, во проширување на производните капацитети и во зголемување на машинскиот парк, така што сега можеме да кажеме дека сме една меѓу најуспешните производни компании.

Се вбројувате во 200-те најуспешни компании.

- Во последните седум – осум години цело време „Актива“ е во најуспешните 200 компании, доста високо котираме, во првите 100 или 50-тина зависи од годините каков е успехот на вкупниот приход. Короната си го зеде своето, меѓутоа се повеќе и повеќе се стабилизира и производството, се стабилизираат нарачките од страна на странските производители, така што денеска можеме да се пофалиме дека како компанија со околу 550 вработени успешно работиме, многу помалку за македонскиот, а многу повеќе за странскиот пазар.

Вие сте извозно-ориентирана компанија. Проблемот овде и она на што постојано укажува бизнис секторот е дека има недостаток од кадар. Дали Вие го надминавте тој проблем и како го надминавте?

-Генерално, во нашата држава и во нашата општина и тоа како се гледа дека проблемот со високообразовен кадар и проблемот со квалитетна работна рака е се поголем и поголем. На ова поле мислам дека многу сериозно мора да се работи, не само ние како бизнис сектор затоа што често пати гледам дека бизнис секторот се критикува за ниските плати што ги примаат работниците и дека затоа квалитетните вработени бегаат во странство. Ќе кажам една друга работа - и оние компании кои се сериозно етаблирани на пазарот и кои имаат малку посериозни вкупни приходи, односно приходи и добри услови за работа, се сретнуваат со истиот проблем. Конкретно кај нас, просечната плата е околу 550-600 евра, што значи имаме постигнато доста солиден просек за наше ниво со тенденција на зголемување на платите. „Актива“ веќе перманентно на месечно ниво во последните неколку месеци ги зголемува личните доходи кај вработените, меѓутоа и понатаму и кај нас, не толку многу, но се чувствува одлив на таква работна сила. Ние седнуваме и разговараме со нив, многумина од нив се изјаснуваат дека се незадоволни од системот во нашата држава, значи незадоволни се од многу работи – не само од компаниите.

Друга работа која е многу интересна и специфична и за која неколкупати сум укажал, меѓутоа очигледно е дека многу малку се работи на неа. Тоа е големата презадолженост на вработените во приватните менувачници, со брзите кредити, а тоа пак е одраз на сите оние обложувалници што се отвораат на секој агол и служат како магнет за брзо збогатување на луѓето, меѓутоа за жал тоа има контра ефекти. Така што голем број од вработените имаат и такви проблеми и сега се надеваат дека ако заминат во странство за кратко време ќе успеат нешто да заработат и да се вратат за да се раздолжат затоа што имаат сериозни притисоци од таквите институции. Мислам дека тоа е многу сериозен проблем за којшто државата мора сериозно да се зафати да го решава. Не е решението дали обложувалницата е на 500 метри од училиштето или дали ќе биде на два или три километри. Независно кој е засегнат во таа работа, мое лично мислење е дека тоа треба да не постои во Македонија. Како Грција го реши тоа, па нивните граѓани доаѓаат во Македонија, ја минуваат границата и доаѓаат да се коцкаат. Мислам дека Македонија не е премногу богата и граѓаните не се премногу богати, за да си го дозволат тој луксуз. Тоа е луксуз за мене, не е тоа извор на заработувачка. За жал, кај нас претежно младите ги упатуваме на нешто што не треба да го прават, да го работат и мислам дека тоа е една од причините.

Вие, почнавте недостигот на работна сила да го решавате со автоматизација на производството, инвестиции во роботи коишто заменуваат одреден број на работници. Колку се скапи овие инвестиции во вештачка интелигенција – робот?

-Ние тргнавме главно да ја задржиме квалитетната работна сила. Тргнавме на два фронта да работиме. Едниот фронт е решавање на станбеното прашање на дел од вработените со тоа што инвестиравме сериозно во еден комплекс од 360 станови којшто е за слободна продажба, меѓутоа нашите вработени имаат извонредно бенефицирани услови за купување на таквите станови и голем број од нив веќе си имаат обезбедено такви станови, оние кои се од Штип или гравитираат во околината на Штип. Ние немаме договори со нив дека поради становите што ги добиваат под бенифицирани услови, мора да работат во „Актива“, меѓутоа тоа е еден морален аспект од наша страна и нормално е од нивна страна ако веќе добиваат такви бенефиции, на некој начин да останат лојални на компанијата. Голем број од инженерскиот кадар се обезбедени со возила што ги користат за службени и приватни цели. Значи, сме дале максимални бенефицирани услови за вработените за да можеме голем дел од нив да ги задржиме.

Од друга страна, се прават сериозни обуки за високософистицираните машини, а со тоа вработените си овозможуваат и повисоки примања, така што голем дел од нив ги задржуваме, меѓутоа и понатаму дел од вработените заминуваат и ние сега се обидуваме тој недостиг на работна рака да го решаваме со инвестирање во повисока технологија, односно работната рака да ја замениме со тие машини. Во последно време инвестираме сериозно во роботско заварување, веќе имаме 10 до 12 роботи коишто се сериозни машини и заменуваат голем број од заварувачите кои ги има се помалку во нашата држава. Меѓутоа и понатаму мораме да работиме на едукација на кадри и на одржување на едно ниво на кадри, кои ќе ракуваат со тие машини. Сепак, за тие машини требаат квалитетни оператори. Машината како машина заменува голем дел од вработените, меѓутоа мора да постојат оператори за да ја управуваат таа машина.

Вклучени сте во проектот дуелно образование заедно со средното општинско училиште „Коле Нехтенин“. Минатата година имавте ученици од ова училиште. Што му недотига на нашето образование за да имаме поквалитетни кадри? Може ли да се надеваме дека тие кадри ќе влезат во процесот на производство?

- Минатата година имавме неколку пати средба со одговорните луѓе во средното училиште и тие најдоа кај нас и ние најдовме кај нив партнер со којшто ќе можеме да соработуваме. Перманентно се врши практична настава во нашата компанија од страна на професорите заедно со учениците од тоа училиште. Има голем дел од децата заинтересирани за идни инженери, оператори на тие машини, некои од нив се заинтересирани да продолжат со образование и да се вработат кај нас во компанијата бидејќи имаме отворени работни места. Меѓутоа, лично сум разговарал со голем дел од тие млади и за жал, иако се уште се во средно училиште, со своите 15-16 години размислуваат за заминување во странство. Тоа е еден тренд што не е добар за нашето општество. Сите го чувствуваат тоа, сите го зборуваме тоа, се зборува да внесеме работници од страна. Од кај ќе внесеме квалитетни работници? Сигурно нема да внесеме од Франција, Италија, Германија. Ќе внесеме од некои земји кои се неразвиени, сигурно и таму добрите работници нема да ги пуштат. Така што ние мора да се бориме каменот да си остане на местото. Мораме да се бориме се поголем број на млади да останат овде кај нас. Како стопанственици се бориме да имаме квалитетна работна рака.

Според вас, потребни ли се реформи во образованието?

-Реформи во образованието се и тоа како потребни. Мора многу посериозно во тој дел да се работи, главно средното насоченото образование. Ние треба да планираме дека средното насочено образование ќе образува кадар за стопанството. Не треба ние да ги едуцираме учениците за да продолжат после тоа да одат на високо образование. Нас ни треба структура од работници. Не можеме ние од тоа да се оттргнеме. Тоа е многу важна работа. Порано 90 отсто од учениците после завршувањето на средното образование се етаблираа во фирмите и работеа во непосредното производство. Сега 90 отсто од учениците ние ги едуцираме за оние после да продолжат да завршат факултет и остануваат без работа затоа што се незадоволни од системот, па си бараат работа на друго место, а од друга страна останати се и испразнети работните места во стопанството. Точно е и тоа дека и ние како стопанственици имаме одговорност да даваме солидни плати, да даваме импут за тие да имаат убави услови за работа, но како компанија можам да кажам дека имаме идеални услови за работа, ги следиме инфлаторните движења на ценит за да можеме да ги зголемуваме личните доходи кај вработените, меѓутоа за жал тој проблем е присутен – нема доволно млад кадар во стопанството.

Член сте на Управниот одбор на Стопанската комора. Според вас, колку бизнисот има поддршка од државата? Доволна ли е таа поддршка?

- Можам да кажам дека сме релативно задоволни од страна на Владата, бидејќи порано имаше субвенции само за странските компании. Сега за успешните домашни компании, извозно-ориентирани, развојно ориентирани, компании кои перманентно се развиваат и инвестираат, имаме одредени субвенции што не можам да кажам дека се големи бидејќи во другите држави се многу поголеми. Една Словенија има од 50 до 80 отсто субвенционирање на таквите компании кои обезбедуваат сериозни основни средства во развој. Овде имаме 10 отсто, меѓутоа и со тоа на некој начин покриваме одредени трошоци во делот на инвестирањето во опрема. Машините што ги купуваме се некаде од 600 до 800 милион евра, а добиваме 10 проценти субвенции од државата, останатото го покриваме со кредитни линии и на тој начин успеваме. Мислам дека тука би можело државата да помогне многу повеќе. „Актива“ има поле за работа, ние можеме колку што имаме вработени, уште толку да вработиме, можеме колку што имаме основни средства, уште толку да имаме, но, за тоа треба да имаме уште поголем инпут во финансискиот дел, затоа што перманентно работиме со комерцијалните банки, но сето тоа е оптоварување и не можеме да ги покриваме другите трошоци. Истото важи и за земјоделството, ние имаме се поголем проблем во земјоделството. Зошто? Имаме се помал број на млади луѓе кои работат во земјоделството, нашите полиња се празни. Оние познати струмички, кочански полиња се празни. Најголем прилив на вработени ни доаѓаат од тие места. Голем дел од нив работат кај нас во компаниите, не сакаат да работат земјоделие.

Една од централните теми на Стопанската комора е да се говори за извоз и само извоз. Меѓутоа од земјоделска земја станавме узвозна зависна, внесуваме различен зеленчук од Египет, Турција. Што треба да се направи за да имаме подобра економија?

- Просто и едноставно да се субвенционираат финалните производи, а не да се субвенцираат земјиштата, она што е дадено навремето на одредени луѓе кои немаат поим од земјоделство. Државата треба да дозволи тој производ да се пласира со одредени цени, другото државата да го откупи по субвенционирани цени, за луѓето да може да бидат мотивирани. На крај ќе имаат гаранција дека ако тоа не го продадат, дека државата ќе го откупи и ќе го субвенционира. Тогаш секој сериозно би се зафатил да работи земјоделие, затоа што ќе знае дека последниот патлиџан, пиперка или лубеница ќе му биде откупена. Земјоделието е многу специфично, сериозен проблем во нашата држава. Имаме прекрасна земјоделска земја, којашто може да произведува еколошки производи, а ние немаме кој да ја работи земјата.

Господине Николов, колку стопанството е задоволно од администрацијата, без разлика дали таа е општинска или централна?

- Има напредок во одредени структури, меѓутоа се уште постојат одредени сериозни проблеми што треба државата да ги решава од една страна, од друга страна би напоменал уште една работа за којашто голем дел од стопанствениците реагираат. Тоа се огромните суми што ги издвојуваме на име на глоба во сообраќајот. Немам ништо против да имаме ред, меѓутоа ако сакаме да бидеме членка на ЕУ и ако прифативме одредени закони, не мораше прво да го имплементираме Законот со огромни глоби што треба да ги издвојуваме за минимални прекршоци. Ако при движење на возилото имало камче кое летнало и ја пукнало шофершајбната и глобата да биде 1.000 или 1.500 евра за компанијата, да биде 500 евра на одговорното лице и на вработениот да биде 300 евра. Значи компаниите плаќаат сериозни глоби во делот на безбедноста на сообраќајот. Треба да се платат минимални трошоци, ако се минимални прекршоците, но вакви сериозни глоби за банални работи, мислам дека е многу несериозно. Ние треба да го полниме буџетот со зголемување на приходите, со зголемување на извозот, за да може што поголем дел од приходите да остануваат во компаниите и од тие приходи да ги плаќаме придонесите и даноците и да го полниме буџетот на државата.

Викторија Димитрова-Јованова