Пристапот на Народната банка во справувањето со инфлацијата е соодветен, со постепено и внимателно дејствување, преку коешто се делува на стабилизирање на инфлациските очекувања, со истовремено ограничување на потенцијалните ризици врз финансиската стабилност и растот на економијата, е оценето на состаноците на гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска со претставници на Меѓународниот монетарен фонд на кои присуствувале и вицегувернерката Ана Митреска и министерот за финансии Фатмир Бесими.
На средбите е оценето дека банкарскиот сектор, според сите показатели останува здрав и стабилен, додека растот на кредитирањето постепено успорува, но за разлика од други земји и понатаму е во позитивната зона и дава поддршка на економијата. Согласно есенските проекции на ММФ за македонската економија, растот на инфлацијата годинава ќе забави, а ќе продолжи да забавува и следната година, додека на среден рок инфлацијата би се вратила на историското ниско ниво од 2 проценти.
Гувернерката на Народната банка истакнала дека централната банка постојано и внимателно ги следи релевантните показатели и презема одлучни чекори за справување со инфлациските притисоци и одржување на стабилноста.
Посочила дека одговорот на Народната банка, соодветно на карактерот на кризата, се одвива преку затегнување на монетарната политика со користење на повеќе инструменти.
- Најпрво се делуваше преку затегнување во делот на ликвидноста, понатаму преку постепено зголемување на каматните стапки, како и преку промени во задолжителната резерва со коишто се зајакнуваат монетарните сигнали и истовремено се делува на поголема денаризација на економијата. Зголемувањето на капиталните барања на банките преку контрацикличниот заштитен капитален слој, како и другите макропрудентни мерки со коишто се воведоа прагови на потребните услови за кредит се комплементарни на монетарните мерки и придонесуваат за зајакнување на стабилноста на банкарскиот систем, како еден од предусловите за ценовната стабилност. Кредитниот пазар и инфлацијата веќе реагираат на монетарните промени, а одредени одложени ефекти ќе има и во следниот период, со оглед на тоа што мерките што ги преземаат централните банки вообичаено се пренесуваат со одредено задоцнување, се наведува во соопштението од Народната банка.
Средбите со директорот на ММФ за Европа, Алфред Камер, извршниот директор на ММФ, Пол Хилберс и алтернативниот извршен директор, Лук Дресе се реализирани во рамки на Годишните средби на ММФ и Светска банка, кои годинава се одржуваат во Маракеш, Кралството Мароко.
Од ММФ препорачале натамошно водење претпазливи политики и будно следење на состојбите.
Во рамки на Годишните средби, делегацијата ќе има состанок и со заменик генералниот директор на ММФ, Бо Ли.