– Општинската организација на Црвениот крст од Охрид под мотото „Помислете на нас“ и оваа година ќе спроведе кампања по повод Меѓународниот ден на борба против гладта (16 Октомври) и Неделата на борба против гладта (16-22 октомври), со цел поттикнување на граѓаните, компании, фирми и други субјекти активно да се вклучат во хуманитарната акција.

Во рамки на кампањата оваа година ќе бидат спроведени активности насочени кон прибирање на доброволни прилози во прехранбени производи и парични средства од хумани граѓани и општествено одговорните компании, наменети за набавка и подготовка на хуманитарни пакети за социјално најзагрозените семејства од Охрид и Дебрца.

Во текот на Неделата на борба против гладта, од 16 до 22 октомври, во повеќе градски маркети ќе бидат поставени пунктови на „Црвен крст Охрид“, со видно обележени корпи во кои хуманите сограѓани ќе можат да остават прехрамбени производи.

Од донираните средства и собраните намирници во кампањата ќе се подготнат хуманитарни пакети со прехрамбени производи што ќе бидат дистрибуирани до крајните корисници.

Од охридскиот „Црвен крст“ упатуваат апел до граѓаните, компаниите, фирмите, институциите, да се вклучат во хуманитарната собирна акција и согласно своите можности дадат придонес во олеснувањето на секојдневието на социјално најзагрозените семејства од Охрид и Дебрца.