Во рамки на проектот поддржан од Делегацијата на ЕУ во земјава за уредување на централното градско подрачје на Велес, во тек се интензивни градежни зафати во овој дел од градот. По изведбата на атмосферската канализација активностите продолжија со реконструкција на тротоарот на потегот од кружниот тек до Плоштадот С’рмаале, а предвидена е реконструкција и на целата улица и самиот кружен тек и изградба на нов, информира градоначалникот Марко Колев.

Проектот, општинската власт со Делегацијата на ЕУ во Скопје го потпишаа на 17 ноември 2021 година. Проектот е насловен „Паметни решенија за Велес-продолжуваме“ со кој е предвидено уредување на централното градско подрачје, а чини нешто над 750 илјади евра.

Освен реконструкција на улицата „8 Септемри“ што поминува низ центарот на градот, со проектот се предвидени и нови сообраќајни решенија во централното градско подрачје. Воедно и воведување на таканаречени паметни решенија за одвивање на сообраќајот и јавниот сектор.Со проектот треба да се воведат и мерки за поттикнување на пешачењето на граѓаните и возење на велосипед.

Во рамките на проектот веќе е поставена и атмосферска канализација во овој дел од градот. Со тоа се решава деценискиот проблем на Велес ,поплавување на центарот на градот од атмосферските води кои со секој дожд од високите се слеваат во ниските делови на градот и ги поплавуваа централните ниски градски улици.