- Во организација на Општина Делчево денеска се чествуваше Денот на македонската револуционерна борба, 23 Октомври. По тој повод, пред споменикот на великанот Гоце Делчев во центарот на градот, се поклонија и цвеќе положија делегација од Општина Делчево и од Советот на Општина Делчево, како и претставници од институции, политички партии и здруженија на граѓани.
Во рамки на настанот членовите од КУД „Гоце Делчев“ од Делчево подготвија пригоден реферат во кој потенцираа дека 23 Октомври во историјата е запишан како ден на основањето на Македонската револуционерна организација.
-Согласно со историските податоци, на 23 октомври 1893 година во Солун се поставуваат основите на организацијата којашто ќе стане симбол на борбите на Македонците за слобода. Основоположниците биле: Христо Татарчев, Даме Груев, Петар Поп Арсов, Иван Хаџи Николов, Антон Димитров и Христо Батанџиев. Тие основаат конспиративна група, нарекувајќи ја Македонски револуционерен комитет, истакнаа од културно-уметничкото друштво кое го носи името на великанот Делчев.
Во пригодниот говор по повод денешниот значаен датум за Македонската историја беше потенцирано дека организацијата се борела за ослободување на Македонија со сопствени сили, без помош од надвор.
-Формирањето на МРО значело почеток на организираното македонско револуционерно движење кое преку Илинден 1903 г., а потоа преку НОБ резултира со создавање современа самостојна македонска држава, додадоа од КУД ,,Гоце Делчев" потенцирајки дека овој датум, 23 октомври, симболизира континуитет на македонската борба за независност.
На официјалниот настан не присуствуваа членови на Општинскиот комитет и советничката група на ВМРО ДПМНЕ, кои свежо цвеќе положија по завршувањето на официјалниот настан.