Пo повод одбележувањето на 23 Oктомври, Денот на македонската револуционерна борба, делегација на Општина Битола, оддаде почит и положи цвеќе пред споменикот на Даме Груев кој се наоѓа во дворот на НУ Завод и Музеј-Битола.

Делегацијата ја предводеше заменик градоначалникот на општина Битола, Бојан Бојкоски, а цвеќе положија и Силвана Снгелевска, пратеничка во македонското Собрание, претставници на Советот на општина Битола, Сојуз на борци, претставници на политички партии и млади од Извидничкиот одред Скаут Пелистер од Битола.

-Пред 130 години, на денешен ден, беше основана Македонската револуционерна организација во Солун. Денешното оддавање почит, пред споменикот на еден од основоположниците на организацијата, значи потсетување на почетокот на македонското револуционерно движење и организираната борба на македонскиот народ за формирање на независна држава, но и должност во денешнината за континуиран напредок на Македонија, соопштија од Општина Битола.