- Дебарските верници утре ќе го одбележат патронот на црквата „Света Петка“, со можност да се поклонат пред моштите на светителката.

- Црковниот одбор при храмот „Света Петка“ во Дебар, има чест со сите да ја сподели радоста за доаѓањето на чесните мошти на светата Параскева во нашиот градот, токму на денот на нејзиниот празничен спомен, 27 октомври 2023 лето Господово, објави одборот.

Моштите ќе бидат поставени за поклонение во дебарскиот храм посветен на светата Параскева уште на самата Утрена богослужба, која ќе започне во 7:30 часот.

-Овие мошти верно се чуваат од страна Пречистанското сестринство, кое со благослов на нашиот надлежен владика, митрополитот Дебарско-кичевски, г. Тимотеј, благоизволија да го збогатат празничниот спомен со оваа голема светиња, за поткрепа на верните дебрани, се додава во објавата.

Божествената Литургија со која ќе чиноначалствува игуменот на Бигорската свештена Обител, епископот г. Партениј, во сослужение со бигорските јеромонаси и архијерејскиот намесник, отец Миле Ангеловски, ќе започне во 8:45 часот.

-Ги покануваме сите верни дебрани и останати празникољупци, да земат учество во ова големо торжество и да се поклонат на моштите на светата Параскева, стекнувајќи го нејзиниот штедар благослов, стои во објавата.

Црквата се наоѓа во центарот на градот, во близина на градската болница, изградена е во 14 век, била обновена во 19 век, а реновирана во 1913 година и по катастрофалниот земјотрес што во ноември 1967 година го погоди градот.

Во дворот на црквата е сместено и седиштето на Дебарската парохија.