- Во ЈЗУ Центар за јавно здравје во Велес во изминативе три дена откако започна вакцинацијата против сезонски грип бесплатно се вакцинирани 160 граѓани, информира за МИА епидемиологот д-р Бојан Тодоровски од оваа установа кој со својот тим ја реализираат вакцинацијата. Потсетува дека преку закажување на „Мој термин“ предвидено е секојдневно да се вакцинираат по 60 граѓани, а 20 од пријавените кои добиле термин од разни причини во изминатите три дена не дошле за бесплатно вакцинирање.

Тој посочи дека од Министерството за здравство добиле 2000 вакцини, како и термини за вакцинирање за до следниот петок 3 ноември, а потоа очекуваат нови списоци за бесплатно вакцинирање со добиен термин.

Д-р Тодоровски информира дека вакцинирањето е на два пункта во оваа јавна здравствена установа, првиот е веднаш на влезот и е за тешко подвижните и вториот на трети спрат за останатите во терминот од 8 до 13 часот.

По викендот, тие со вакцинација ќе продолжат во понеделник.

Потенцира дека Министерството за здравство има обезбедено доволен број на вакцини против сезонски грип, а за сите заинтересирани пријавувањето е на страната vakcinacija.mk

Тој потсетува дека предност за добивање на термин за бесплатна вакцина имаат граѓаните кои припаѓаат на ризичните групи како што се стари лица над 65 години, хронично болни, здравствени работници, бремени жени и деца на возраст од шест месеци до пет години.

Воедно информира дека освен со бесплатна вакцина против сезонски грип заинтересираните граѓани можат да се вакцинираат и со комерцијална вакцина која чини 700 денари, а веќе се вакцинирале 20 граѓани.