- Неготино по 40 години ќе го реконструира градскиот плоштад, во Кавадарци ќе се доградува кејот на реката Луда Мара, Росоман и Градско ќе имаат проекти за хортикултурно и партерно уредување. Вкупно 28 милиони денари се обезбедени за овие проекти од Бирото за регионален развој, преку Вардарски плански регион.
Градоначалниците на овие општини, денеска во Кавадарци ги потпишаа договорите за соработка со директорот на ВПР, Сашо Мошев, за инфраструктурни проекти за реализирање наредната година.
Мошев појасни дека сите девет општини од регионот имаат добиено финансиски средства, а тие исто така имаат сопствено учество со пари од локалните буџети.
- Ова е еден добар начин на работа на Вардарски плански регион, без натпреварување, сите општини добиваат финансиски средства. Ова е вистинскиот пример како треба заеднички да функционира еден регион, за добра инфраструктура, рече Јанчев, нагласувајќи дека општини во регионот имаат настапувано и со заеднички проекти, како тој за агрометеоролошките станици, што, според него, се покажал како многу добар и навремено им се давале корисни информации на земјоделците.
Росоман ќе работи на хортикултурно и партерно уредување на централните подрачја на селата Манастирец, Сирково и Паликура, а Градско, на хортикултурно и партерно уредување на детски парк со модерни детски реквизити.