Коледарски пакетчиња од градоначалникот на Општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски денеска добија голем број на дечиња кои се дел од Бадниковата поворка.
Како што соопштија од Општината, пеејќи ја „Вечниот Бог“ пред Општина Кисела Вода, носејќи златна ѕвезда, како симбол на Витлеемската ѕвезда, тие го најавија Христовото раѓање.
Ѓорѓиевски ја истакна својата радост што Општина Кисела Вода повторно живее во духот на вистинските вредности и е дел од обележувањето на највеличествениот Бадник во регионот. Бадниковата поворка продолжува кон плоштадот „Македонија“ и на едно место ќе ги собере коледарчињата од сите скопски општини, продолжува кон Соборниот храм „Св.Климент Охридски“ каде дечињата ќе имаат прием и пригодно дарување кај Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан.
-Малите златни ангелчиња утрово во огромен број ме посетија и пеејќи ја „Вечниот Бог” го најавија раѓањето на нашиот Бог Исус Христос а јас, како домаќин и како што доликува на нашата вековна традиција - ги дарував со коледарски пакетчиња. Она што ме прави исклучително горд е што нашата општина повторно живее во духот на вистинските вредности и е дел од обележувањето на највеличествениот Бадник во регионот. Македонија почива на тие вредности, опстојува почитувајќи ја верата и традицијата. Дефинитивно ова се најрадосните деновите кога сите сме сплотени како народ и меѓу нас има добра мисла и подадена рака. Посакувам да трае во текот на целата година! Дечиња, ви благодарам за прекрасното утро!, кажал Ѓоргиевски