Светиот крст што во водите на реката Вардар беше положен во Гостивар го фати Огнен Анастасиевски од Гостивар. Седумнаесетгодишниот средношколец, кој беше еден од триесетината гостиварци кои влегоа во реката, откако доби благослов и честитки од митрополитот г. Јосиф, им се заблагодари на сите сограѓани, честитајќи им го празникот.

Прославата на празникот почна утрово со света литургија во соборниот храм „Успение на Пресвета Богородица“ на градскиот плоштад. По богослужбата, литијата тргна од црквата и преку централното градско подрачје до малиот мост на кејот.

Од таму митрополитот тетовско-гостиварски г.Јосиф го изврши чинот на осветување на водите и го положи светиот крст во реката.

Годинашните кумови ги послужија со закуска верниците кои учествуваа на годинашната десетта по ред манифестација од нејзиното обновување.