Во населбата Визбегово во општина Бутел е изградено ново Основно училиште „Визбегово“ кое ќе може да прими околу илјада ученици. Владата преку МОН за неговата изградба намени околу 110 милиони денари. Се очекува да биде отворено од 1 септември годинава за учебната 2024/2025.
Училиштето има 20 училници опремени за сеопфатна наставна програма, кабинети за општествени и природни науки, за музика и уметност, лифт за ученици со посебни потреби, библиотека... Се растоваруваат останатите училишта во општината Бутел, како и во општините Чаир и Шуто Оризари каде што се запишуваат децата од тој дел на градот.
Вицепремиерот за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи при посетата изјави дека потребата за изградба на ново училиште во овој дел на градот станала очигледна и со овој модерен училиштен објект се решава проблемот на граѓаните.
-Новото училиште не само што просторно ќе ги задоволи потребите за квалитетен образовен процес, туку ќе служи како центар за социјален и културен развој на децата. Сите деца, вклучително и тие со посебни потреби, ќе имаат пристап до квалитетно основно образование, рече Битиќи нагласувајќи ја важноста на инвестирање во образованието кое е, рече, камен-темелник на економскиот просперитет на државата.
Апелираше до градоначалникот на општина Бутел што побрзо да ги заврши потребните законски процедури за објектот да биде ставен во функција и од 1 септември да почне да се реализира наставата.
Државната секретарка во МОН Билјана Казанџиска изјави дека недостигал училишен објект во овој дел на општина Бутел затоа што, рече, таа се развива, урбанизира и се зголемува бројот на населението и е неопходно најмалите да учат блиску до местото на живеење.
-Објектот е целосно завршен и е направен технички прием, останува уште да бидат формално завршени правните процедури од локалната самоуправа, да се именува директор за овој прекрасен објект биде набрзо пуштен во употреба. Очекуваме ова набрзо да се случи и набрзо да почне да се слуша детскиот џагор и да се градат новите генерации со кои ќе се гордееме, рече Казанџиска.
Таа нагласи и дека оваа година МОН има најголем буџет за капитални инвестиции досега од над 1,3 милијарда денари односно над половина повеќе од минатогодишниот. Со овие средства, рече таа, ќе се реконструираат 90 училишни објекти, ќе почне изградба на пет нови и да се прошират просторни капацитети на 15 училишта.
На новинарско прашање вицепремиерот Битиќи одговори дека не е дел од предизборната кампања посетата за увид во новоизграденото училиште.
-Има време до предизборието, тоа е некаде 20-ина дена пред самите избори и кажав дека јас лично сум заинтересиран за ова затоа што во мојот мандат од три и пол години веќе третпат доаѓам на оваа локација. Еднаш кога немаше ништо, беше една нива. Граѓаните 33 години зборуваа за ова училиште, пред три години беше само една нива, бев вторпат кога само што беа почнати работите и денеска сум среќен да видам дека конечно го завршуваме тоа што некој требало да го заврши наназад со децении а не беше завршено. Затоа што како човек кој живее во општина Бутел, како вицепремиер кој служи за сите во државата, сакам навистина да видам дека децата имаат можност да учат во објект којшто им гарантира квалитетно образование за да се изградат како добри граѓани на оваа држава, рече Битиќи.