Над пет од десет анкетирани, односно 54,1 отсто се „за“ отворање приватни факултети во Грција, наспроти 41,3 проценти кои се против, согласно истражувањето на јавното мислење спроведено од агенцијата „Opinion Poll“ за грчката телевизија „Action 24“, јави дописничката на МИА од Атина.

Анкетата е спроведена во пресрет на утрешното гласање на предлог-законот на грчката Влада за отворање непрофитни и недржавни високообразовни институции што од вчера е на расправа во Парламентот.

Во однос на старосните групи, против предлог-законот се 54,5 отсто од младите на возраст од 17-29 години, додека пак поделено е мислењето кај анкетираните меѓу 30 и 45 години, бидејќи 46,3 проценти поддржуваат отворање на приватни факултети, а 45,9 отсто се против.

На прашањето дали со отворањето на недржавни факултети, Грција може да стане образовен центар во поширокиот регион, позитивно одговараат 51,3 отсто, наспроти 46,2 кои дале негативен одговор

Истражувањето на јавното мислење од агенцијата „Opinion Poll“ за телевизијата „Action 24“ било спроведено од 4 до 5 март 2024 година со анкетирани 1.004 лица со право на глас.

За утре, паралелно со гласањето на законот во Парламентот, студентите и учениците, кои веќе два месеци секој четврток протестираат против отворањето приватни факултети, закажаа нов протест во Атина, што ќе биде деветти по ред.