Неколку активисти на опозициската Социјалдемократска партија на Косово (ПСД), меѓу кои и партискиот лидер, Фрашер Красниќи и генералниот секретар Нољ Нуши се приведени денеска од полицијата по симболичниот антивладин протест во Националната библиотека на Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

Активистите на ПСД беа уапсени откако се обидоа да го спречат одржувањето на свечената конференција по повод Денот на албанскиот учител, 7 Март, на која учествуваат премиерот Албин Курти и министерката за образование на Косово, Арберие Нагавци.

Демонстрантите пред влезот на библиотеката поставија „ученичка книшка“ за министерката Нагавци со оценки за нејзината работа на чело на Министерството. Таа е оценета со „единица“ за „предметите“: „изградба на градинки“, „однесување кон образовниот синдикат“, „навремено обезбедување учебници“ и „резултати од ПИСА-тестот“, додека „петка“, односно „одличен успех“, според опозиционерите, покажала во „прекршувањето на Уставот“.

ПСД е вонпарламентарна опозициска партија, која во 2018 година ја формираа поранешни членови на раководството на владејачкото Движење самоопределување (ВВ), поради незадоволство од начинот на кој нејзиниот лидер, актуелниот премиер Курти ја води партијата.