Пратениците во грчкиот Парламент денеска ќе гласаат за предлог-законот на Министерството за образование за „Зајакнување на државниот универзитет – рамка за работа на непрофитни оддели на странски универзитети“, а студентите закажаа нов протест за уште еднаш да го изразат нивното незадоволство од одлуката на Владата за отворање приватни факултети, јави дописничката на МИА од Атина.
Расправата во грчкиот Парламент започна во средата и се очекува гласањето да биде вечерва, а според најавите веројатно ќе добие зелено светло само од пратениците на владејачката Нова демократија.
На почетокот на февруари министерот за образование на Грција Кирјакос Пиеракакис претставувајќи го предлог-законот соопшти дека недржавните и непрофитни универзитети од септември 2025 година ќе почнат со работа, а приемот на студентите ќе се врши исклучиво преку државните испити.
Освен државните испити што важат за упис на факултет, како што објасни министерот за образование на Грција, студентите ќе треба да ги исполнат и критериумите поставени од странскиот универзитет.
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, во декември соопшти дека создаваат рамка за конечно во Грција да функционираат непрофитни, недржавни високообразовни институции, истакнувајќи дека станува збор за историска реформа во образованието, по што од почетокот на јануари, секој четврток студентите и учениците одржуваат протести против отворањето приватни факултети и порачуваат дека високото образование мора да остане државно и бесплатно.
Студентите и учениците и за денеска закажаа протест, а се очекува на собирот во центарот на Атина да пристигнат од цела Грција.
Паралелно добија поддршка и од синдикатите кои напладне ќе одржат традиционален осмомартовски протест.
Според истражувањето на јавното мислење спроведено од агенцијата „Opinion Poll“ за телевизијата „Action 24“ во периодот од 4 до 5 март 2024 година, над пет од десет анкетирани, односно 54,1 отсто се „за“ отворање приватни факултети во Грција, наспроти 41,3 проценти кои се против