Албанските власти, во соработка со Европол и белгиските, холандските и француските органи за спроведување на законот, успешно ја завршија големата операција, при што беа уапсени 15 осомничени членови на озлогласена албанска организирана криминална група, под истрага во повеќе земји.

-Координираните напори, под името ГОРГОН, кулминираа со серија рации извршени во Тирана на 31 јули против клучните личности во криминалната мрежа, јавија албанските медиуми.

Како резултат на тоа, запленети се значителни средства, вклучувајќи недвижен имот и еден милион евра во готовина, соопшти денеска Европол.

Во соопштението се додава дека станува збор за организирана криминална група од висок профил, која била хиерархиски структурирана, со ограноци кои дејствувале на меѓународно ниво. Бандата претежно била составена од членови на семејство од Елбасан и соработници од истиот регион во Албанија

Членовите на групата се осомничени дека се одговорни за бројни нарачани убиства, голема трговија со дрога и перење на незаконски профит преку сложени трансакции со криптовалути.

Меѓу уапсените е и осомничен за перење пари, кој бил стациониран во Тирана и кој обезбедувал услуги на неколку други криминални групи ангажирани на меѓународно ниво во убиства, корупција и шверц на дрога.

За акцијата објави и албанското Специјално обвинителство за организиран криминал, СПАК во која се наведува дека се трага по уште 18 лица.