Албанската полиција вечерва излезе со соопштение во врска со протестот на опозицијата што ќе се одржи утре, со најава за блокирање на патни правци во државата во период од 3 часа, почнувајќи од 17 часот.
Во соопштението полицијата наведува дека го гарантира правото на собирање, правата и слободите на учесниците на собирите, но, тоа без да се нарушува слободното движење на граѓаните и возилата.
-Блокирањето патни правци е кривично дело предвидено со член 293 од Кривичниот законик, а секој што ќе преземе дејствија за блокирање патишта ќе се соочи со последиците од непочитување на овој член. За да им помогне на граѓаните кои ќе патуваат на патните правци каде ќе се протестира, државната полиција презеде мерки за пренасочување на сообраќајот на возилата по алтернативни патишта во случај на блокирање, се наведува во соопштението.
Полицијата апелира до албанските граѓани кои сакаат да стигнат до меѓународниот аеродром во Тирана, како и македонските, косовските и црногорските граѓани кои на големо го користат овој аеродром, поради сообраќајот што може да се создаде, треба на аеродромот да пристигнат пред 17 часот или да користат алтернативни рути за да пристигнат навреме.
По протестите пред владата и други државни институции, албанската опозиција одлучи утре, како што најави, да ја блокира државата, со собири на најфреквентните национални патни правци, што е активност од нејзината акција на граѓанска непослушност за уривање на „нарко режимот на Еди Рама“ и формирање техничка влада, која ќе спроведе слободни избори.