Пазарот на невижности во Софија завршува во 2024 година со импресивни резултати, консолидирајќи ја својата позиција како водечки пазар на недвижности за земјата, јави БТА. Од почетокот на годината е забележан постојан пораст на цените, но главниот импулс дојде во втората половина од годината, покажуваат согледувањата на „Булгари пропертис“. Полина Стоикова, извршен директор на компанијата, истакнува дека овој раст во голема мера се должи на нерамнотежата меѓу побарувачката и понудата, како и зголемениот интерес за купување станови во контекст на ниските каматни стапки на хипотеките.

„Новите понуди на пазарот се намалени за 10 отсто во однос на претходната година, што е продолжение на сличен пад од 2023 година. Тоа ги ограничува можностите за купувачите, особено на секундарниот пазар, каде понудата е исклучително слаба“, нагласува таа во соопштението за медиумите.

Банкарските кредити, главен фактор што придонесува за растот на цените, се зголемија за 36 отсто на годишно ниво. До крајот на септември банките во Бугарија обезбедија кредити еднакви на целиот обем за 2023 година.

Просечната цена на недвижностите во третиот квартал од 2024 година во Софија, според податоците на компанијата, е 1.840 евра/кв.м. односно 1550 евра/кв.м. на крајот на минатата година. Така, годишниот раст на цените во главниот град на Бугарија, номинално се забрзува до 18,7 отсто (16,3 отсто по одбивањето на инфлацијата) по забавувањето на крајот на 2023 година.

Просечната вкупна цена на купен стан се искачи на 159.500 евра од околу 140.000 евра на крајот од минатата година.

Во случај на готови домови на секундарниот пазар, цените по кои се склучуваат трансакциите варираат помеѓу 2.300 - 2.500 евра/кв.м. Во најпрестижните области на Софија, вредностите се приближуваат до 4.000 евра/кв.м. што претставува еден вид психолошка граница за склучување зделки во моментот, пренесе БТА.