Директорот на Иранската агенција за цивилно воздухопловство, Хосеин Пурфарзане денеска на прес-конференција рече дека од февруари Исламската Република ќе ги обнови летовите за Европа.

Пурфарзане истакна дека првиот лет ќе биде на 28 февруари.

„Летот ќе биде на иранскиот приватен авиопревозник „Ертур ерлајнс“. Друга иранска компанија „Кешм Ер“ ќе лета до две европски дестинации“, рече Пурфарзане, но додаде дека деталите ќе бидат откриени подоцна.

Летовите меѓу Иран и Европа беа прекинати во средината на октомври 2024 година, откако Европската унија воведе санкции кон Исламската Република, обвинувајќи ја дека испраќа дронови во Русија за употреба во војната со Украина. Иран категорично ги отфрли обвинувањата.