Нова опрема за граничната и криминалистичката полиција за борба со нелегалното поседување, злоупотреба и трговија со мало и лесно оружје во реализација со нашите пријатели УНДП и ЕУ реализирана преку Агенцијата за контрола на мало и лесно оружје на Југоисточна и Источна Европа (СЕЕСАК), објави денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на неговиот Фејсбук профил.
- Предметната донација која е поддржана од ЕУ и УНДП, а реализирана преку СЕЕСАК во значителна мера ќе ја зголеми нашата ефикасност во справувањето со заканите од малото и лесно оружје, пред се на организациските единици за кои оваа опрема е наменета, односно Одделот за криминалистичка полиција и Одделот за гранични работи и миграции, но и на Министерството во целина. Опремата која денеска ја добиваме не е само предмети, компјутери, дронови и останати технолошки помагала, туку истата претставува и поттик за нас како институција континуирано и на дневна база да развиваме стратегија и вложуваме напори во спречувањето на злоупотребата на мало и лесно оружје. Овој проект претставува уште едно признание за успешната соработка која ја имаме со нашите меѓународни партнери од СЕЕСАК, УНДП и Делегацијата на Европската Унија, напиша Тошковски на Фејсбук.
Вкупната вредност на оваа опрема која изнесува 662.532,10 американски долари, објави Тошковски, е навистина за почит и поттик за максимално вложување на Министерството за внатрешни работи во продолжување на успешната соработка како со нашите меѓународни партнери во борбата против сите видови на криминал.