Обвинителство на денешното рочиште за убиството на Вања и Панче презентираше видео записи од камерите на Сејф сити на кои тврди дека се гледа дека првообвинетиот Љупчо Палевски Палчо го вози Реното Кангу на денот на грабнувањето на Вања, одбраната на Палевски вели дека се гледаат силуети и бара ДНК анализа.
Случајот за убиството на Вања Ѓорчесвка и Панче Жежовски го води судијата Ивица Стефановски и се наоѓа во доказна постапка, треба да продолжи на 7 февруари, за кога е повикан и сведокот Гоце Трајковски, кој се наоѓа во притвор во Затвор Скопје за друго кривично дело.
Обвинителството во судница денеска презентираше видео материјали од безбедносни камери од Сејф сити и комерцијални објекти за движењето на возилото Цитроен и Рено Кангу на денот на грабнувањето на Вања Ѓорчевска на 27 ноември 2023 година.
Според обвинителството, Цитроенот со кој е грабната Вања во Дебар Маало пред хотелот Парк пристигнува во 6:37. Во 7:29, како што посочи Обвинителството е всушност времето кога е извршено грабнувањето.
Заедно со возилото Рено Кангу во 7:49 се гледаат како се движат низ Визбегово кон селото Бразда каде Цитроенот, според Обвинителство е запален околу 9:30. Потоа Реното Кангу само се враќа назад, низ Чаир и во 10:00 часот се паркира пред седиштето на партијата Десна.
- Локацијата е булевар Христијан Тодоровски Карпош од Чаир према Центар. Во 9 и 50 се забележува како Рено Кангуто се движи со регистарска ознака СК-403 УИ. Може да се забележи дека возилото го управува првообвинетиот Љупчо Палевски Палчо и на совозачкото Велибор Манев со џемпер со црна лента, појасни обвинителката.