Владејачката коалиција ниту размислува ниту подготвува излегување на Словачка од ЕУ и НАТО, објави денеска претседателот на земјата, Петер Пелегрини, цитиран од словачка новинска агенција.
Пелегрини говореше по средбата со лидерите на партиите од владејачкото мнозинство, како и со лидерот на главната опозициска коалиција.
Претседателот истакна дека загриженоста на луѓето кои протестираат во земјата дека Словачка може да ги напушти ЕУ и НАТО е неоснована.
„Од оваа наша заедничка средба стана јасно дека никој, ниту од коалициските партии, ниту лидерот на опозицијата, нема интерес Словачка да ја напушти Европската Унија и НАТО. Никој не планира такво напуштање, никој не го организира и никој дури не ја предвидува иднината на Словачка надвор од овие две организации“, рече Пелегрини.
Според него, сепак сите ги препознаваат предизвиците и проблемите со кои ќе треба да се соочат ЕУ и НАТО во иднина.
„Живееме во многу турбулентни времиња. Се случуваат геополитички промени, а политичките системи се менуваат“, истакна Пелегрини.
Тој рече дека денешната тркалезна маса ја свикал главно на барање на опозициските партии, кои изразиле загриженост за случувањата во надворешната политика на Словачка.