Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) денеска објави имиња на поранешни и актуелни носители на јавни функции кои се казнети со парична глоба за прекршување на одредбите од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси. Меѓу нив се Борислав Крмов, Артан Груби, Фатмир Меџити, Арбер Адеми, Илир Демири...

Од Антикорупција соопштија дека во согласност со член 98 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси има обврска јавно да ги објави информациите за извршените контроли, спроведените постапки и глобите кои се изречени за сторените прекршоци.

Досега од донесувањето на Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси („Службен весник на Репубилика Македонија бр.12/2019“) ДКСК ги нема јавно објавувано овие информации, а Комисијата најавува дека ова во иднина ќе биде редовна пракса.

Јавно објавените информации, се додава во соопштението, ќе бидат достапни во период од две години по нивното објавување, а истите содржат: сторител на прекршок; прекршок: опис на дејството кое претставува прекршоки и висината на изречена глоба.

- Преку објавување на овие информации ДКСК има за цел да ја информира јавноста во насока на охрабрување на граѓаните, како и институциите да се придржуваат до правните норми. Очекуваме дека со исполнување на оваа законска обврскa ќе се зголеми довербата во процесите на надзор и контрола, но и ќе се зајакнат напорите за ефикасно спречување на корупцијата и судирот на интереси во Република Северна Македонија. ДКСК смета дека оваа мерка е исклучително значајна за зголемувањето на транспарентноста и отчетноста на секоја институција во борбата против корупцијата, соопштија од ДКСК