Подолго од две децении Мешовитиот парламентарен комитет е столб на партнерството, кој го насочува нашиот дијалог и гарантира дека европската интеграција на Северна Македонија останува стратешки приоритет. Ова денеска во Собранието го истакнаа дел од учесниците на 23-от состанок на Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ-Северна Македонија.

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски рече дека високо ја цениме работата на Мешовитиот парламентарен комитет и сме благодарни за вашата посветеност и поддршка.

- Оваа година означува две децении откако нашата земја доби кандидатски статус за членство во ЕУ. 20 години на реформи, компромиси, често тешки и болни одлуки, но одлуки кои се носени од визијата за европската иднина. Во тој долг процес македонските граѓани останаа посветени на европските вредности и покрај предизвиците и разочарувањата на овој долг пат. Но, денес повеќе од кога било потребни се јасност, предвидливост и решителност во нашиот интегративен процес. Потребни ни се конкретни чекори, а не само декларативна поддршка. Европа не смее да ја изгуби довербата на граѓаните кои две децении веруваат искрено во европскиот проект, нагласи Муцунски.

Според него, Владата со несмален интензитет ги продолжува реформите. - Го зајакнуваме владеењето на правото, ја унапредуваме незвисноста на судството, ја модернизираме јавната администрација и градиме економија заснована на конкурентност и иновации. Одлучно се бориме против корупцијата и организираниот криминал, а нашите политки ги усогласуавме со европското законодавство и заедничките приоритети, инфраструктурното поврзување и фокусот на коридорите 8 и 10, дигитализацијата, енергетската безбедност, рече Муцунски.

Нашите заложби, како што рече, не се само реторика, тие се конкретни, мерливи и водени од интересот на граѓаните. - Ваквата посветеност ќе продолжи и во однос на обврските од реформската агенда и реализацијата на целите на планот за раст, како значаен инструмент за унапредување на економскиот развој, меѓусебната соработка и приближување на државата, но и на целиот регион кон ЕУ. И во надворешната политика остануваме доследен партнер на ЕУ, со целосно усогласена заедничка надворешна и безбедносна политика што е потврда за нашата приврзаност кон принципите на мир, стабилност и демократските вредности. Нашата поддршка за Украина, учеството во санкцисите режими и активната улога како НАТО-членка покажуваат дека не сме само набљудувач, туку чинител во градењето на европската безбедност, подвлече Муцунски. Потсети дека во ноември минатата година како прва земја од регионот потпишавме Партнерство за безбедност и одбрана со ЕУ, нова сеопфатна рамка за дијалог и продлабочена соработка за клучни прашања во оваа област.

Потенцира дека добрососедските односи и регионалната соработка се наш врвен приоритет. - Покажавме дека со дијалог заснован на почит и соработка може да се надминат и најсложените прашања. Во изминатиот период пристапивме со проактивност и конструктивност заснован на потребата од меѓусебна почит и соработка. Ја потврдивме нашата волја за отворен дијалог по добра верба, како и за барање решенија кои ќе обезбедат подобра и предвидлива европска иднина. Во тој дух останавме доследни во исполнување на претходно преземени меѓународни обврски, рече министерот Муцунски, додавајќи дека и понатаму ќе бидеме посветени на градењето добрососедски односи и регионална соработка.

Според него, билатералните прашања не треба и не смеат да бидат инструмент за диктирање на напредокот или блокада на процесот на пристапување на соседите. - Процесот мора да остане кредибилен заснован на заслуги и да обезбеди предвидливост преку зголемена динамика. Напредокот што го постигнуваме мора да биде објективно мерен и валоризиран, а поддршката од ЕУ, нејзините институции, нејзините земји членки е клучна за враќање и зголемување на довербата во европската перспектива, рече Муцински.

Министерот за европски прашања Орхан Муртезани потенцира дека подолго од две децении, овој Мешовит парламентарен комитет е столб на партнерството, кој го насочува нашиот дијалог и гарантира дека европската интеграција на Северна Македонија останува стратешки приоритет.

- Европа се наоѓа пред крстопат. Во свет на растечка неизвесност, Европската Унија има одговорност да дејствува не преку неодлучност, туку преку стратешка визија. Процесот на проширување не може да остане второстепено прашање кога всушност претставува клучна геополитичка неопходност. Западен Балкан не е засебен субјект; туку нераскинлив дел од иднината на Европа. Стабилен, демократски и интегриран регион го зајакнува европскиот проект и ја подобрува безбедноста, економскиот просперитет и глобалната конкурентност на целиот континент. Геополитичките случувања во последните години, вклучително и руската инвазија врз Украина и пошироките глобални промени, само ја зајакнаа итноста од проширувањето како стратешки императив за ЕУ, рече Муртезани.

Северна Македонија, како што рече, е подготвена да придонесе за Европската Унија, не само како членка, туку и како активен учесник во зајакнувањето на самата Унија. - Нашето место во Европа не е далечна цел, туку реалност што секојдневно ја градиме. Да го искористиме овој момент, обединети во нашата заедничка посветеност кон посилна Европа. Да работиме заедно за да го завршиме овој процес на интеграција и да осигуриме дека нашата заедничка иднина се заснова врз соработка, визија и доверба, порача Муртезани.

Мариуш Бримора, амбасадор на Полска во Северна Македонија, како претставник на Полското претседателство со Советот на ЕУ рече дека го поздравуваат фактот дека Владата на Северна Македонија го поставува како стратешка цел пристапувањето кон ЕУ.

-Од име на нашето претседателство, уште еднаш ја искажувам нашата подготвеност за состанок за пристапување без било какви други политички одлики што Северна Македонија ги завршува своите обврски за уставни промени. Времето е клучно. Сакаме да одиме напред, исто како и вие. Апсолутно клучно е да се искористат сите можности кои ги имаме денес, а со цел да се забрза процесот на пристапување бидејќи сегашниот моментум нема постојано да трае. Покрај уставните амандмани, треба да се унапредувате колку што е можно повеќе во другите реформи поврзани со ЕУ, рече Бримора. Тој го поздрави севкупниот степен на подготвеност на земјата и додаде дека треба да се поздрави тоа што е направено, а треба да се видат и натамошни чекори за спроведување на други реформи брзо, а особено во областа на основните темели и владеењето на правото. Ние, како што рече, имаме доверба во вас и сакаме да ве поддржуваме во вашите напори.

Евроамбасадорот во земјава Михалис Рокас истакна дека соработката со новиот известител на Европскиот парламент Томас Вајц веќе е во тек, а Дијалогот Жан Моне стои на располагање, вклучително и за продолжување на некои од реформите што веќе се почнати. Нагласи дека е важно Северна Македонија да ги задржи основните вредности и принципи на ЕУ и тоа активно да го покажува во мултилатералните форуми и во рамки на ОН.

Сесијата ја отворија Иванка Василевска и Карло Реслер, копретседавачи на Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ-Северна Македонија. мд