Денеска почна исплатата на пролетниот бонус за сите 730.430 пензионери во Албанија, за што владата ќе издвои средства во износ од 62 милиони евра.

-Врз основа на одлуката на Владата пензионерите се поделени во две категории. Оние кои примаат пензија пониска од 200 евра или 520.443 пензионери ќе добијат по 100 евра, додека бонус од по 50 евра ќе добијат 209.987 кои примаат пензија повисока од 200 евра, објави Министерството за економија, култура и иновации.

За нешто повеќе од два месеца ова е втор бонус кој го исплаќа владата на пензионерите. Тие добија предновогодишен бонус, кога оние од првата група добија по 200, додека другите по 150 евра, што беше трипати повисок износ од претходно исплатениот бонус, за што владата издвои 100 милиони евра.

Како што тогаш изјави премиерот Еди Рама оваа разлика меѓу првата и втората група, не се прави за да се даде „помалку на оние кои имаат повисока пензија, туку за да се даде повеќе на оние кои имаат помала пензија“.

Тој најави исплата на предновогодишен бонус и годинава.