Две лица загинаа, а неколку се повредени откако автомобил удри во толпа луѓе во југозападниот германски град Манхајм, соопштија денеска безбедносни извори.

Според информации на ДПА, наводниот возач, германски државјанин, е приведен и сега е во болница со повреди. Полицијата не претпоставува дека имало и други сторители.

Полицијата соопшти дека инцидентот се случил на плоштадот Парадеплац во центарот на градот и оти истрагата е во ек.

Засега не е јасно дали инцидентот е предизвикан од несреќа или напад. Полицијата ги повика луѓето да го избегнуваат центарот на градот.

Според очевидци, возилото забрзано се движело по улицата Планкен, главна трговска улица што води покрај плоштадот, удирајќи во неколку пешаци во близина на Парадеплац.

По должината на улицата Планкен имало карневалски базар во чии рамки биле поставени десетици штандови со храна.