Во реакција на денешните обвинувања на пратеничката на Сања Лукаревска дека власта не презема активности за зголемување на минималната плата, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Дејан Проданоски истакна дека СДСМ продолжува со креирањето дневна политика во недостаток од реални идеи.
-Како што ја водеа владата, така ја практикуваат опозицијата. Несериозно, со мерки кои што се неприменливи и тотално промашени. Политиката на промашеното прогресивно оданочување и Солидарниот данок сега ја пресликуваат со несериозни предлози за кои мислат дека ќе им донесе некој политички поен. Истите ликови кои ја втурнаа Македонија во сиромаштија и убедливо закована на дното сега се преставуваат како економски иноватори. Прочитани се, рече тој.
Продановски нагласи дека од кога ВМРО - ДПМНЕ е на власт покачени се платите на сите образовани работници, од основното до високото образование.
-Покачени се платите на вработените во здравството, ќе се вработат 600 приватни специјализанти, а решение ќе земат над 1.000 здравствени работници кои се сега со договор на дело. Повисоки плати ќе земат и вработените во МВР и во јавната администрација. Ќе има и повисока минимална плата согласно законот, а доколку на ЕСС се договорат синдикатите и работодавачите, владата ќе ја прифати таа минимална плата, потенцира пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ.
Додека СДСМ критикува, рече Проданоски, во моментот се исплати првата транша на евтини кредити кон стопанството, а општините веќе аплицираат за вториот повик.
-Растот на БДП во четвртиот квартал е 3,2 отсто, а имаме и рекордно ниво на странски директни инвестиции. Во последните 3 месеци од претходната година имаме 400 милиони евра инвестиции, а веќе за оваа година имаме договорено над 300 милиони странски инвестиции досега. Наместо да глумат дека се загрижени, ете во текот на утрешниот ден нека гласаат за Законот за технолошките индустриски зони, каде што отвораме пат за нова инвестиција од повеќе стотини милиони евра. Глумат загрижени, а не гласаат за реформски закони. Така се грижиме и ќе продолжиме да се грижиме за граѓаните, рече Проданоски.