Бугарскиот став е дека САД мора да останат во сите безбедносни формати, без САД Европа е слаба, изјави премиерот Росен Жељазков пред бугарските новинари во Брисел, каде што пристигна да учествува на вонредниот состанок на Европскиот совет посветен на безбедноста и Украина.
- Ќе треба многу време за Европа да се обиде да го постигне она што ни го дава САД преку партнерството во НАТО и билатерално. - Се надеваме дека САД ќе останат посветени на нашата колективна безбедност заснована на вредности, додаде премиерот на Бугарија.
Тој прецизираше дека неговиот разговор претходно денеска со украинскиот претседател Володимир Зеленски бил на иницијатива на шефот на украинската држава. Жељазков прецизираше дека Зеленски го информирал за разговорите што ги имал досега. Рековме дека сме со Украина бидејќи веруваме дека принципите на меѓународното право мора да се почитуваат и да и гарантираат на секоја држава што ги прифатила принципите на ОН, суверенитет, територијален интегритет и независност. Би додале и демократија, рече Жељазков.
Тој посочи дека на денешната средба ќе се разговара за издржливоста на Украина, за постигнување траен и праведен мир, заснован на неколку принципи – дека ништо поврзано со мирот во Украина не може да се реши без Украина. Преговорите за безбедноста на Европа мора да бидат од Европа и за Европа, рече Жељазков. Според него, исклучително важно е прашањето за каков мир се стремиме. Видете, кога моќта на правото е спротивна на законот на моќта, Европа мора да биде подготвена, додаде тој.
- Бугарија има силна воена индустрија, која мора да ја развиваме, модернизираме и да придонесеме за паневропската безбедност. Имаме јасен национален став дека финансирањето не треба да влијае на кохезионите фондови на ЕУ, рече премиерот во врска со предлозите на Европската комисија за ре-вооружување на ЕУ. Според него, земјата ќе предложи непотрошените средства од механизмот за опоравување и отпорност да се искористат во бугарската економија за одбранбениот кластер.
- Нашата индустрија е технолошки многу врзана за старите советски технологии, но има потенцијал и мора да се развива врз основа на индустриска соработка според стандардите на НАТО, истакна премиерот. Според него, ресурсите што треба да се инвестираат треба да се насочат кон јавната и приватната воена индустрија.
Сè што Бугарија презеде како обврска, вклучително и преку парламентарни акти, ќе биде спроведено, рече тој одговарајќи на прашање за бугарската помош за Киев. Важно е да се учествува во сите формати кои ја гарантираат безбедноста на унијата, рече тој во врска со иницијативите на францускиот претседател Емануел Макрон.