Жените во земјава се уште се соочуваат со дискриминација и предрасуди во многу области од општеството. Потребен е сеопфатен пристап и соработка меѓу институциите за унапредување на позицијата на жените во општествените дејности. Ова се дел од заклучоците призлезени од денешната пленарна 39. седница на Собранието каде се дискутираше на темата „30 години заложби и достигнувања за подобрување на статусот на жените и идни планови за акција“ по повод Меѓународниот ден на жената.

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова им порача на пратеничките да не се откажуваат од Собранието и таму да ги водат битките и да ги пратат пораките. Потенцира дека жените се уште им пркосат на предрасудите, на стереотипите, на патријархалните фрустрации во недостиг на многу еманципирани мажи.

-Она што никогаш во животот нема да го заборавам е дека сум била дел од собраниски состав со 51 жена. Би сакала овој број да се надмине на следните избори, ама се намали на 47. Мислам дека тоа не е женска суета, ниту егоцентризам, туку порака да се откажуваме од многу ум, знаење, енергија, креација, особено во ера на криза. Поетот добитник на Струшките вечери на поезијата Жан Пјер Симеон рече дека „поетите и поезијата ќе го спасат светот“. Јас велам жените се поезија среде драмата, среде светската трагедија, цврсто верувам дека жените ќе го спасат светот. Во жените е спасот, рече Давкова.

Претседателката нагласи дека родовото базирано насилство за неа претставува злосторство што не познава граници, надминува култури, го релативизира социо-економскиот статус и бара обединета акција не само на власта и во регионот, туку и пошироко.

-Кружи баукот на една потресна статистика од која се срамам – една од три жени во светот доживува физичко или сексуално насилство во текот на животот. Ако е проблемот планетарен, тогаш мора планетарно да се решава. Во време на војна, ризикот по женскиот род се удвојува зашто жените и девојчињата дури се инструментализираат за воени потреби. Верувам дека дигиталните платформи се трансформативни, ама не смееме да криеме и премолчуваме дека тие се и плодна почва за онлајн насилство, за онлјан злоупотреба, за тешко вознемирување и за тешка експлоатација. Колку „Јавни соби“ колеги и колешки треба да ни се случат за да реагираме? Не се работи за бројки и статистики. Се работи за живот и животни приказни. Тие не треба да се промовираат, да се продаваат, да се дозволуваат , да се читаат, да се шират и да се пропагираат. Се работи за трагични приказни на несреќни луѓе, за личности на кои им е одземена безбедноста, мирот, достоинството и слободата. На збунетото и конфузно човештво му треба свет во кој нема да се толерира насилството врз младите жени и девојки, но и насилството врз било кој човек, рече претседателката Сиљановска-Давкова.

Претседателот на Собранието, Африм Гаши налгаси дека жените и натаму се соочуваат со различни предизвици и покрај постојните закони. Потенцира дека иако имаме закони за заштита од дискриминација, жените се уште се соочуваат со дискриминација и предрасуди на пазарот на труд, во образованието, во науката и културата.

-И ако зборуваме за здрави семејства, се уште ни недостига целосно вреднување на мајката како главен столб на семејството и општеството. И покрај законите за заштита од семејно насилство, се уште секојдневно слушаме за трагедии и жртви на насилства. И покрај стратегиите за развој на претприемништвото, се уште бројот на жени претприемачи е мал. Дури застапеноста на жените на носечки позиции останува ограничена и се сведува на она што го налагаат квотите. Борбата за родова еднаквост денеска не треба да се гледа како исклучиво женска кауза, туку како заеднички напор на целото општество. Мажите треба да бидат исто толку ангажирани и активни во оваа борба, бидејќи придобивките од едно рамноправно општество ги уживаат и мажите исто како и жените. Жените не се наши ривали, ниту закана за просторот на мажите, туку две комплементарни суштества кои се надополнуваат, рече Гаши.

Тој истакна дека потребен е сеопфатен пристап и соработка меѓу институциите, судовите, организациите, медиумите, мажите и жените, за да се надминуваат предрасудите и да се обезбеди еднаква средина. Потенцира дека Собранието ќе продолжи да ја поддржува секоја иницијатива која придонесува за унапредување на оваа кауза.

Генералната секретарка на Собранието, Марина Димевска истакна дека досега се направени значителни чекори напред, но, како што рече, патувањето кон родовата еднаквост е далеку од завршена. Истакна дека бројот на жени во политиката од година во година се зголемува. Учеството на жените во Собранието бележи континуиран раст, но бројките не смеат да бидат единствениот показател за напредокот.

-Жените треба суштински вклучени во носењето на одлуките. Треба да се стремиме жените да имаат лидерски позиции и во останатите сектори, вклучително и бизнисот, науката и технологијата. Родовиот паритет во лидерството е критичен фактор за да се осигураме дека политиките и иницијативите што ги спроведуваме ги рефлектираат различните потреби на сите чинители на општеството. Мора да ги мотивираме и охрабруваме жените да влезат во лидерски улоги и да создадат простор каде нивниот глас ќе биде посилен и ќе се почитува. Само преку женската солидарност и заедништво ќе ги надминеме стереотипите во општеството. Во иднина да продолжиме да работиме на политичко и институционално зајакнување на жените преку воспоставување на програми за поддршка и менторство и на млади жени во политиката и во администрацијата, рече Димевска.

Жаклина Пешевска, претседателка на собраниската Комисија за еднакви можности на жените и мажите и пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ потенцира дека статистичките податоци покажуваат дека поголем број на жени се со високо образование. Таа праша за каква независност зборуваме, кога под независност на жена подразбира економски независна жена.

-Дополнително на тоа, за еднаква работна позиција, жената зема помала плата, односно јазот на платите кај мажите и жените станува се подлабок. Економски силна жена значи силна жена за семејството и за општеството. Ако жена успешно менаџира со семејството, тогаш зошто не би била успешен менаџер и во општините или било каде во општеството па се уште да имаме мал број на градоначалнички. Причините не треба да се гледаат еднострано. Секогаш треба заедно со мажите да бидеме партнери во носењето одлуки. Но ако седиме на иста маса со мажите и не го креваме својот глас за да ги адресираме барањата на заедницата, тогаш ништо нема да постигнеме. Докажано е дека поголемата застапеност на жените во политиката води до пониско ниво на конфликти, поголемо почитување на човековите права и зголемена доверба во институциите, рече Пешевска.

Пратеничката на „Европски фронт“, Дијана Тоска нагласи дека треба да се зајакне поддршката за жените жртви од семејно насилства и оти треба да се реши посуштински.

-Ова вклучува обезбедување засолниште во сите региони, психолошки услуги и права поддршка за жртвите. Економското зајакнување мора да остане еден од главните приоритети, бидејќи жените се уште имаат ограничен пристап до финансиски ресурси и се соочуваат со бариери во претприемништвото. Треба зголемување на услугите за жените и возрасните кои ќе им овозможат на жените поголема економска и социјална мобилност. Во иднина акцентот треба да биде ставен на подобрување на имплементацијата на постојните закони и политики, наместо да се ограничуваме на нивното донесување, рече Тоска.

Фериде Хаџиу, пратеничка на Коалицијата „Влен“ истакна дека Владата работи на создавање на еднакви можности за жените и мажите, што ни овозможува да ги вреднуваме досегашните постигнувања, но, како што реч напомена, има уште многу работа пред нас.

-Како општество мора да продолжиме да ги зајакнеме политиките што промовираат еднакви можности и да го подобриме статусот на жената во сите аспекти на животот. Во ток контекст, неопходно е да се преземаат конкретни мерки за економско зајакнување на жените. Покрај тоа, од клучно значење е жените да и маат пристап до континуирано образование и обука во области што се значајни за нивниот професионален и личен развој, рече Хаџиу.

Пратеничката на Левица, Јована Мојсоска упати поарак дека на македонските жени никој не им даде рамноправност, туку, како што рече, тие со масовно учество во Народноослободителната вборба и со оружје во рака се изборија за својата слобода.

-Иако патот е долг и тежок како што говореше Роза Луксембург нам ништо не ни недостасува, само време. Драги жени и девојки, можеби ние не знаеме како е да се бориме машки, но затоа кога ние ќе се вклучиме во борбата, ние во нас носиме енергија за двајца. Нека ни е честит празникот, рече Мојсоска.

Даниела Белимова, пратеничка од Движење ЗНАМ нагласи дека вистинското партнерство и меѓусебно вкрстување на разликите да биде карика за најдобри можни решенија и интереси, како на институционално, така и на национално ниво, бидејќи како што има изјавено славниот писател Габриел Маркез – ако во нешто е вклучена жена, знам дека се ќе биде добро.

-Потполно ми е јасно дека жените управуваат со светот. Да се потсетиме на најкористената парола за женска солидарност и поддршка а кажана од Маргерет Тачер – Постои посебно место во пеколот за жените, кои не им помагаат на жени, е пораката што ја упати пратеничката Белимова по повод Меѓународниот ден на жената го честитам со порака